[ФОТО] Ова е наследничката на Ким Џонг Ун: Таткото и неговата миленичка често заедно гледаат лансирања на ракети

Кармин

12/02/2026

12:20

455

Големина на фонт

а а а

Севернокорејскиот лидер Ким Џонг Ун ја избрал својата ќерка за наследничка, објави јужнокорејската разузнавачка агенција пред пратениците во четвртокот

Малку е познато за Ким Џу-ае, за која се верува дека има 13 години, но во последните месеци таа често е фотографирана со таткото на важни настани, вклучувајќи ја и посетата на Пекинг во септември, што беше нејзиното прво познато патување во странство, пишува „BBC“.

Проценка на разузнавачката служба

Националната разузнавачка служба (NIS) наведува дека својата проценка ја базира на низа околности, пред сè на нејзината сè поизразена јавна улога на официјалните настани.


Од агенцијата, исто така, соопштија дека внимателно ќе следат дали таа ќе се појави на конгресот на владејачката Работничка партија подоцна овој месец, најважниот политички настан кој се одржува на секои пет години. Се очекува дека Пјонгјанг на конгресот ќе изнесе повеќе детали за своите приоритети за следните пет години, како што се надворешната политика, военото планирање и нуклеарните амбиции.

Пратеникот Ли Сонг-квен изјави пред новинарите во четврток дека Џу-ае, која претходно од страна на „NIS“ беше опишана како личност која „се обучува“ за наследничка, сега е во фаза на „именување за наследничка“.

„Имајќи предвид дека Ким Џу-ае се појавувала на разни настани, вклучувајќи ја годишнината од основањето на Корејската народна армија и посетата на палатата Кумсусан, како и дека постојат знаци дека изнесува мислења за некои државни политики, „NIS“ смета дека сега влегла во фаза на именување за наследничка“, рекол Ли.

Која е Ким Џу-ае?

Џу-ае е единственото познато дете на Ким Џонг Ун и неговата сопруга Ри Сол Џу. Разузнавачката служба верува дека Ким Џонг Ун има и постар син, но тој никогаш не бил официјално признат ниту прикажан во севернокорејските медиуми. Веста за постоењето на Џу-ае првпат пристигна од неочекуван извор – американскиот кошаркар Денис Родман во 2013 година за „The Guardian“ откри дека „го држел бебето Џу-ае“ за време на посетата на таа изолирана држава.


Се верува дека Џу-ае денес има 13 години, а на државната телевизија се појавила првпат во 2022 година. Била прикажана како заедно со таткото го гледа најновиот севернокорејски интерконтинентален балистички проектил.

Од тогаш, таа често се појавува во државните медиуми, со што се омекнува сликата на нејзиниот татко како безмилосен диктатор. Го следела и во Пекинг на најголемата кинеска воена парада, каде била снимена како излегува од неговиот оклопен воз. Често е забележана со долга коса, што е забрането за нејзините врснички, и во дизајнерска облека која за мнозинството во нејзината земја е недостапна.

Симболични гестови и статус

Властa во Северна Кореја се пренесува преку три генерации на семејството Ким и општо е верување дека Ким Џонг Ун ќе ја предаде власта токму на ќерката Џу-ае. Пратеникот Парк Сун-вон изјави дека улогата која Џу-ае ја презела за време на јавните настани укажува на тоа дека почнала да придонесува за политиката и дека се третира како де факто втора личност во државата.

Во последните месеци, таа е прикажувана како стои на повисока позиција од таткото или како оди покрај него, наместо да го следи. Во Северна Кореја, каде се верува дека фотографиите објавени во државните медиуми имаат големо симболично значење, реткост е некој, освен Ким Џонг Ун, да биде толку истакнато поставен во кадарот.


Неодговорени прашања

Иако јужнокорејската разузнавачка агенција сега верува дека Џу-ае е именувана за наследничка, тоа сè уште отвора некои прашања. Загатка е зошто во исклучително патријархално севернокорејско општество ќерката би била избрана за наследничка наместо постариот син.

Многу бегалци и аналитичари претходно ја отфрлаа можноста жена да ја води Северна Кореја како малку веројатно сценарио, повикувајќи се на длабоко вкоренетите традиционални родови улоги. Сепак, сестрата на Ким Џонг Ун – Ким Јо Џонг – претставува преседан за женска власт во режимот. Таа моментално зазема висока функција во Централниот комитет на Работничката партија и наводно има големо влијание врз братот.

Исто така, не е јасно зошто Ким Џонг Ун, кој сè уште е млад и се чини релативно здрав, веќе сега именува тринаесетгодишно дете за свој наследник.


Не се знае ниту какви промени наследувањето на Џу-ае би можело да донесе за Северна Кореја. Многу Севернокорејци се надеваа дека Ким Џонг Ун, како млад човек образован на Запад, ќе ја отвори земјата кон надворешниот свет кога ќе го наследи таткото, но тие надежи не се остварија. Какви и да се плановите на оваа тинејџерка за својата земја, веројатно ќе има уникатна моќ да ја обликува според својата волја.



Спонзорирани линкови

Маркетинг

назад до tocka.com.mk