Украинскиот скелетонист Владислав Хераскевич најави дека на Зимските олимписки игри ќе настапи со кацига на која се прикажани лицата на спортисти загинати во војната, и покрај забраната од Меѓународниот олимписки комитет, кој му се заканува со дисквалификација. Неговиот чин на пркос го поддржа и претседателот Зеленски.
Водечкиот украински скелетонист и знаменосец на отворањето на Зимските олимписки игри, 27-годишниот Владислав Хераскевич, стана централна фигура во драма што се заканува да ги засени спортските натпреварувања во Кортина д’Ампецо. И покрај забраната од Меѓународниот олимписки комитет (МОК), Хераскевич потврди дека на официјалната трка во четврток ќе настапи со својата „кацига на сеќавањето“, посветена на украинските спортисти загинати за време на руската инвазија. Неговата порака е недвосмислена: „Ја носев оваа кацига пред два дена, вчера и денес. Ќе ја носам утре и ќе ја носам на денот на трката. Тие луѓе ги жртвуваа своите животи и благодарение на тоа јас денес можам да бидам тука. Нема да ги изневерам.“
Ukrainian skeleton racer Vladyslav Heraskevych says he will wear his helmet of remembrance on race days despite the International Olympic Committee banning him from doing so.
— BBC Sport (@BBCSport) February 11, 2026
Heraskevych wore the helmet, which features images of athletes killed during Russia's invasion of his… pic.twitter.com/vvjhMT4DIu
Спорната кацига не е само парче заштитна опрема, туку емотивен споменик на кој се наоѓа колаж со фотографии од дваесетина украински спортисти, тренери и спортски работници убиени во војната. Меѓу лицата на кацигата се кревачката на тегови Алина Перегудова, боксерот Павло Ишченко, хокеарот Олексиј Логинов и уметничкиот лизгач Дмитро Шарпар, колега на Хераскевич од Младинските олимписки игри. Некои од нив загинале на бојното поле, додека други биле жртви на напади додека се обидувале да им помогнат на цивили. Најмладата жртва чие лице се наоѓа на кацигата имала само девет години, што ѝ дава дополнителна трагична димензија на целата приказна.

Одлуката на МОК да ја забрани кацигата се темели на Правилото 50.2 од Олимписката повелба, кое забранува каква било форма на „политичка, верска или расна пропаганда“ на олимписките борилишта. Како компромис, на Хераскевич му било понудено да носи црна лента околу раката во знак на жалост, што тој решително го одбил. „Верувам дека МОК нема доволно црни ленти за да се потсети на сите спортисти убиени во оваа војна“, порача украинскиот спортист, додавајќи дека одлуката на кровната олимписка организација „едноставно го крши срцето“ и претставува „предавство на спортистите кои беа дел од олимпиското семејство“.

Украинскиот олимписки комитет застана зад својот претставник, тврдејќи дека оддавањето почит на загинатите колеги не е политичка пропаганда, туку чин на сеќавање и дека кацигата не прекршува никакви правила. Поддршка јавно изрази и украинскиот претседател Володимир Зеленски, заблагодарувајќи му на Хераскевич што „го потсетува светот на цената на нашата борба“. Од друга страна, МОК во средата упати речиси молба до спортистот да се откаже од својата намера за да избегне сигурна дисквалификација. „Би го замолиле – сакаме да се натпреварува … Навистина, навистина сакаме да го има својот момент“, изјави портпаролот на МОК Марк Адамс, но се чини дека Хераскевич веќе ја донел својата одлука.

Додека се чека расплетот пред трката во четврток, Хераскевич не отстапува, нагласувајќи дека сеќавањето на жртвите е поважно од спортскиот резултат. „Во овој момент би рекол дека медалот е безвреден во споредба со човечките животи, а верувам и во споредба со сеќавањето на овие спортисти“, изјави тој. Ова не е првпат Хераскевич да ја користи спортската сцена за испраќање порака; на Зимските олимписки игри во Пекинг 2022, само неколку дена пред почетокот на инвазијата, по својата трка истакна натпис „Нема војна во Украина“. Тогаш не беше санкциониран, но сега му се заканува најстрога казна, а целиот спортски свет со големо внимание чека дали украинската „кацига на сеќавањето“ навистина ќе се појави на стартот.












