Славната манекенка за хоророт што го доживеала: „Ме пречекуваа во наметка. Бараа да се соблечам“

Точка

10/02/2026

12:16

1.349

Големина на фонт

а а а

Славната манекенка Полина Поризкова ги откри „темните“ тајни на модната индустрија, тврдејќи дека во текот на кариерата имала многу непријатни средби. Ѕвездата на „Sports Illustrated“ преку видео објавено на Инстаграм ја опиша нормализацијата на сексуалното вознемирување со кое наводно се соочувала како тинејџерка.

Поризкова рече дека луѓето задолжени за управување со нејзината кариера честопати ја доведувале во компромитирачки ситуации. „Почнав да се занимавам со манекенство на 15 години во Париз за време на летните празници. И секој пат бев испраќана на четири до пет т.н. „иди-види“ мисии. Одиш, а тие ќе те видат низ градот – сама, без познавање на јазикот или градот“, раскажа манекенката родена во Чехословачка.

Полина објаснила дека некои состаноци биле професионални, но голем дел од нив биле далеку од тоа. „Понекогаш луѓето што ги среќавав беа убаво облечени и во канцеларии, а понекогаш тоа беа мажи на средни возраст во неуредни апартмани кои само сакаа лежерно да ме фотографираат – знаете, по можност топлес. Не ја паметам бројката на мажи кои со отворени наметки ме пречекале во своите хотелски соби или апартмани, каде што ме праќаа агенциите или клиентите“, раскажала манекенката, пренесе „New York Post“.


Манекенката нагласила дека додворувањето на мажите не било ограничено само на неуредни апартмани. Се присетила и на елегантно облечени постари мажи кои често ја поканувале на забави, јахти и нивните тропски вили. Со години, Полина верувала дека ваквите средби се дел од нејзината работа.


„Сè земав здраво за готово – дека мојата работа е да ја соблечам облеката, да ја облечам повторно, а потоа да научам како креативно да се одбранам од возбудени мажи за да не ги навредам и да ја изгубам работата“, раскажа манекенката. Дури во 1990-тите години Поризкова сфатила дека нејзините искуства се квалификуваат како вознемирување. Сè сфатила откако гледала сегмент од емисијата на Опра Винфри за сексуалното вознемирување на работното место.


„Ја погледнав мојата пријателка и реков: „Тоа е сексуално вознемирување? Јас мислев дека тоа се комплименти“, се присетила таа.


Манекенката се осврнала и на сопствената ранливост како дете во индустрија со висок ризик и истакнала колку лесно децата можат да бидат манипулирани од оние кои имаат моќ. „Кога ќе земете дете и ќе го ставите во каква било ситуација, детето ќе се приспособи. Кога возрасен ќе ви каже дека така треба да биде, па кој сте вие да се спротивставите? Затоа детето е најлесната цел“, истакна таа.

Манекенката во описот на видеото ги ставила хаштаговите „#Epstein #EpsteinFiles и #Justice“.


Инаку Поризкова ја испиша историјата во 1984 година, станувајќи прва жена од Централна Европа што се појавила на насловната страница на „Sports Illustrated“.



Таа се појавила на насловната страница на истото списание 11 пати во текот на кариерата што траела повеќе од 40 години.