[ФОТО/ВИДЕО] Спектакуларното шоу на Бед Бани на Супербоул: Полно со политички пораки, нешто што досега никој не се осудил

Точка

09/02/2026

08:29

1.358

Големина на фонт

а а а

Бед Бани во својата реклама пред полувремето на „Apple Music Super Bowl“ вети дека „целиот свет ќе танцува“ – и тоа го исполни настапувајќи со Лејди Гага и Рики Мартин, изведувајќи микс од своите песни пред повеќе од 100 милиони гледачи.

Настапот беше проткаен со традицијата на Латинска Америка, а особено на неговото родно Порторико, со оглед на тоа што раскошната сценографија го претвори просторот во порториканска „vecindad“, со берберница, „bodega“ и култната „casita“, мала куќа (слична на онаа во неговата резиденција „No Me Quiero Ir de Aquí“ во Порторико), во која тој ги пречекуваше славните гости за време на својата резиденција во Порторико.


Карол Џи, Карди Би, Јанг Мико, Џесика Алба и Педро Паскал танцуваа под покривот на „casita“ додека настапот се движеше низ лажно поле со шеќерна трска; огромниот танцов подиум беше исполнет со разиграни танчери, а беше прикажана и венчавка. И тоа вистинска венчавка, како што подоцна потврди неговиот портпарол.

Настапот беше толку преполн со симболи и суптилни политички референци што неговите обожаватели ќе го дешифрираат со недели.


Скриени пораки и симболи на Порторико

Речиси сè што гледачите видоа – костимите, сценографијата, премините – говореше за тоа дека „да се биде Порториканец значи да се има вроденo исполитизиран идентитет како колонијален поданик“, тврдат американските медиуми. Фактот дека настапот, за првпат во 60-годишната историја на Супербоулот, беше речиси целосно на шпански јазик, исто така претставуваше силна изјава.

Настапот започна со прошетка низ островот, низ минатото и сегашниот живот во американска колонија: „jíbaros“ кои сечат шеќерна трска, старци што играат домино, продавачи на кокоси и „piragua“. Дел од сцената беа и столбови за струја што експлодираа – потсетник на честите прекини на електричната енергија и распаднатата електрична мрежа во Порторико.

Пеејќи ја „NUEVAYoL“, тој ѝ оддаде почит на порториканската дијаспора во Њујорк. Вметнувањата од песните на Тего Калдерон, Деди Јенки и Дон Омар послужија како омаж на пионерите на регетонoт.

И гостите ја раскажуваа приказната за порториканската култура. Се појави Лејди Гага во светлосин фустан со „flor de mago“, националниот цвет, на реверот, за изненадна салса-изведба. Таа настапи со „Los Sobrinos“, млад порторикански бенд, симболично предавајќи го факелот на новата генерација.


Потоа на сцената излезе Рики Мартин со настап што ја критикува гентрификацијата и раселувањето на островот. На крајот, Бани заедно со групата „Los Pleneros de la Cresta“ ѝ го претстави на Америка традиционалниот жанр „plena“.


Политички активизам како заштитен знак

Кон крајот на настапот, тој рече „God bless America“, а потоа почна да ги набројува сите земји на американскиот континент. Танчарите истрчаа на теренот носејќи ги знамињата на сите тие држави, од кои многу на еден или друг начин го почувствувале американскиот империјализам, со што беше деконструирана идејата за Соединетите Американски Држави како единствена „Америка“.


Тоа е токму она што можеше да се очекува од Бед Бани, уметник кој никогаш не се двоумел да зборува за темите што му се важни. По ураганот Марија во 2017 година, тој го критикуваше Доналд Трамп поради ускратувањето помош. Две години подоцна ја прекина европската турнеја за да им се приклучи на масовните протести во Порторико. Во 2024 година ја поддржа прогресивната трета партија на изборите за гувернер.

Сепак, неговиот албум „DeBÍ TiRAR MáS FOToS“ останува неговото најексплицитно политичко дело. Минатата недела му донесе Греми за албум на годината, со што стана првиот албум на шпански јазик што ја освоил оваа престижна награда. Во својот говор за благодарност, тој директно се осврна на насилството на администрацијата на Трамп.

„Пред да му се заблагодарам на Бог, ќе кажам: ICE надвор“, рече тој. „Ние не сме дивјаци, не сме животни. Ние сме луѓе. И ние сме Американци.“


На мета на десницата

Масовните напори на администрацијата на Трамп за депортација беа главната причина зошто Бед Бани не вклучи градови од континенталниот дел на САД во својата светска турнеја. Тој изјави дека бил загрижен оти имиграционата служба (ICE) би можела да ги таргетира неговите обожаватели.

Од ноември 2025 година, Министерството за внатрешна безбедност уапси повеќе од 1.430 имигранти во Порторико — десетпати повеќе отколку во 2024 година. Бед Бани и лично беше сведок на тоа, снимајќи во јуни минатата година агенти како апсат луѓе. „Кур*ини синови, наместо да ги остават луѓето на мир да работат“, рече тој во видеото.

Затоа не изненадува што стана мета на десницата веднаш штом НФЛ објави дека ќе настапи. Функционери од администрацијата на Трамп се закануваа дека ќе испратат ICE на посетителите на Супербоулот, додека други конзервативци изнесуваа ксенофобични навреди. Реакцијата кулминираше со алтернативен настан, „All-American Halftime Show“, на кој настапи целосно бела постава на кантри-пејачи.


Во светло на таквите реакции, вклучувањето на Лејди Гага можеше да се протолкува како отстапка кон критичарите. Но остатокот од шоуто беше јасен одговор. Меѓу порториканските симболи, Бед Бани ги нагласуваше темите на заедништво и борба за сопствените соништа. Кога ѝ се претстави на публиката, рече на шпански: „Се викам Бенито Антонио Мартинез Окасио и ако денес сум овде на Супербоул 60, тоа е затоа што никогаш, ама баш никогаш не престанав да верувам во себе — а и вие треба да верувате во себе. Вредите повеќе отколку што мислите.“

На самиот крај, пред да ја напушти сцената, тој подигна топка за американски фудбал на која пишуваше „Заедно, ние сме Америка“. Пораката имаше двојно значење: враќање на името што го означува целиот американски континент, а не само САД, и потсетник дека сите, без оглед на тоа што го говори администрацијата на Трамп, ѝ припаѓаме на оваа земја, пишува утрово „The Cut“.

Сепак, најсилно одекна неговата проштална порака до островот: „А на мојата татковина, на мојата земја, Порторико – сè уште сме тука“.


Тоа беше моќен потсетник дека по повеќе од 500 години колонизација, вклучително и повеќе од еден век под власта на САД; по обидите за бришење на националниот идентитет и задушување на борбата за подобра иднина; по сите кризи и природни катастрофи – и покрај сè, тие сè уште се тука, во рамките на САД.