За време на концертот во Ел Салвадор колумбиската пејачка Шакира паднала, а снимката кружи на социјалните мрежи. Пејачката паднала на лактот но брзо станала и продолжила со настапот како ништо да не се случило, што многумина го пофалиле нарекувајќи го „професионално“.
Сѐ се случило додека Шакира ја изведувала песната „Si Te Vas", која обожавателите со децении ја слушаат. Додека се движела кон работ на сцената на стадионот „Jorge El Mágico González“ во Сан Салвадор, направила погрешен чекор и паднала.
Падот бил ненадеен и за момент изгледал сериозно, но Шакира за неколку секунди била на нозе. Без ничија помош, таа станала, продолжила да пее и направила сè како да било испланирано. На стадионот завладеала тишина на секунда, но потоа почнале гласни аплаузи и овации откако обожавателите виделе дека е добро.
По падот, Шакира ѝ се обратила на публиката. Прво, таа мирно рече: „Добро“, давајќи им до знаење на сите дека сè е под контрола. Потоа, во нејзиниот препознатлив стил, со насмевка додаде: „Каков пад!“ Наместо да се преправа дека ништо не се случило, мирно ја прифатила ситуацијата - и со тоа уште повеќе ја освоила публиката.
Настапот е дел од нејзината светска турнеја „Las Mujeres Ya No Lloran“ (Жените повеќе не плачат). Кон крајот на овој месец пејачката ќе настапи во Мексико, а турнејата ја завршува на 4-ти април со концертот во Абу Даби.

Турнејата „Las Mujeres Ya No Lloran“ започна во февруари 2025 година и стана една од најуспешните кога станува збор за латиноамериканските музички ѕвезди. Според „Билборд“ и Гинисовата книга на рекорди, Шакира заработила околу 421,6 милиони долари со продажба на билети ширум светот на приближно 86 концерти.
Една година пред турнејата пејачката го објавила и истоимениот албум во кој, меѓу другото пее за разводот од Жерар Пике.
„Сопругот ме попречува. Сега сум слободна. Сега всушност можам да работам“, изјавила пејачката за време на гостувањето во емисијата „The Tonight Show with Jimmy Fallon“.










