Златниот мобилен телефон на Трамп навистина постои и му е покажан на уредник на американски технолошки портал

Точка

08/02/2026

14:51

442

Големина на фонт

а а а

Нема да изгледа исто како во првичните најави, не е произведен во САД и не се знае точно кога ќе се појави на пазарот, но „златниот“ мобилен на Трамп навистина постои и уредникот на порталот „The Verge“ имал можност да го види за време на онлајн интервју со раководството на „Trump Mobile“.

По повеќемесечна неизвесност, сега е потврдено дека мобилниот телефон на компанијата „Trump Mobile“ навистина постои и, како што изгледа, е во речиси завршена форма. За време на едночасовен видеоповик Доминик Престон, уредник на порталот „The Verge“, го видел уредот „T1 Phone“, кој му го покажале раководителите на „Trump Mobile“, Дон Хендриксон и Ерик Томас, објаснувајќи зошто уредот повеќепати бил менуван и зошто сè уште не стигнал до купувачите.

Томас за време на видеоповикот покажал уред што сè уште не е финална производствена верзија, но кој е опишан како многу близок до конечниот модел. Ознаката T1, присутна на претходните рендери, ќе биде отстранета, додека златната завршна обработка и американското знаме остануваат. Задниот модул на камерата е целосно изменет: претходниот триаголен распоред е заменет со три вертикално поставени леќи во црн овал со натпис „Trump Mobile“, при што растојанието меѓу леќите е видливо нерамномерно.

Уредот сега делува поголем, со закривен екран кој е поблизок до првично најавената дијагонала од 6,78 инчи отколку до подоцнежната верзија од 6,25 инчи.


Ажурирани тврдења за хардверот

Според Хендриксон и Томас, телефонот ќе користи чип „Qualcomm Snapdragon“ од серијата 7, ќе има батерија со капацитет од 5000 mAh, 512 GB внатрешна меморија за складирање податоци и слот за „microSD“ мемориски картички до 1 TB. И главната задна камера и предната камера користат сензори од 50 мегапиксели, а интерфејсот на камерата укажува на додавање ултраширокоаголна леќа и можеби телефото камера.

Овој реален телефон по спецификации одговара на врвните уреди на пазарот оваа година, изјави Томас, додавајќи дека ќе биде споредлив со секој телефон чија цена е над 1.000 долари.

Престон, пак, пишува дека слични спецификации веќе постојат кај уреди како мобилниот „OnePlus Nord 5“, кој се продава за околу 580 евра, поради што вистинските перформанси на камерата и карактеристики како отпорност на вода или безжично полнење ќе бидат клучни, но засега се непознати.


Промена на стратегијата

Раните купувачи кои уплатиле депозит од околу 90 евра и понатаму вкупно ќе платат околу 460 евра, вели Хендриксон, нарекувајќи ја таа сума „воведна цена“. Подоцнежните купувачи ќе платат повеќе, но сепак „помалку од 1000 долари“, истакнуваат Хендриксон и Томас.

Томас ја објасни и промената на стратегијата, особено по првичните реакции на медиумите на најавата за уредот. Го прескокнуваме првиот модел од пониска класа што планиравме брзо да го пласираме на пазарот. Ќе си земеме време и ќе го направиме она што го планиравме како следен чекор, рече тој.


(Не е) произведено во Америка

Патриотски најавуваниот мобилен сепак не е произведен во САД. Финалното склопување се одвива во Мајами и вклучува приближно десет компоненти, додека претходните фази на производство се одвиваат во „фаворизирана нација“, откриено е во интервјуто. Томас вели дека формулацијата на интернет-страницата била внимателно избрана, бидејќи сакаат да бидат отворени и воопшто да не ги доведуваат луѓето во заблуда, признавајќи дека претходните тврдења можеби биле неточни.

Засега се најавуваат повторно лансирање и ажурирање на интернет-страницата во следните неколку недели. Дали потоа конечно ќе следуваат испораките, и понатаму останува неизвесно.