Холандија вчера му врати на Египет скулптура стара околу 3.500 години, откако украдениот артефакт повторно беше откриен на една уметничка изложба во Холандија во 2022 година, објави „Ројтерс“.
Истрагата спроведена од холандската полиција и Инспекторатот за културно наследство во 2025 година потврди дека скулптурата била украдена и нелегално изнесена од Египет за време на немирите од Арапската пролет во 2011 година, по што завршила на меѓународниот пазар на уметнички дела.
Според експертите, станува збор за глава од скулптура изработена од гранодиорит, која првично била дел од таканаречена блок-скулптура. Се смета дека потекнува од Луксор, град во јужен Египет, и прикажува висок државен службеник од времето на фараонот Тутмос III (1479–1425 година пр.н.е.).
„Нашата политика е јасна – да вратиме сè што не ни припаѓа и тоа секогаш да го предадеме на вистинската држава или културна заедница“, изјави холандскиот министер за култура Гуке Мос при свеченото предавање на статуата на египетскиот амбасадор.
Блок-скулптурата на која ѝ припаѓала главата најверојатно го носела името на прикажаниот службеник, но бидејќи главата е одвоена, неговиот идентитет засега останува непознат.
„Оваа реституција му враќа чувство на достоинство на Египет и ѝ овозможува на земјата самата да ја раскажува својата историја. Египет постојано се залага за враќање на артефактите што во минатото биле нелегално изнесени од земјата“, изјави египетскиот амбасадор Емад М. Хана, додавајќи дека Египет внимателно ги следи изложбите и аукциите на кои се појавуваат негови културни предмети.












