За возачките дозволи, државата мора да создаде услови што нема да ги оштетат ранливите заедници, порачува Мрежата за заштита од дискриминација

Макфакс

06/02/2026

14:40

200

Големина на фонт

а а а

Мрежата за заштита од дискриминација реагира на јавниот дискурс поврзан со прашањето за управување со моторни возила и неговата трансформација во, како што наведуваат, сензационализирана дебата проследена со говор на омраза и стигматизација.

Од Мрежата посочуваат дека почитувањето на законите е обврска на секој граѓанин, но истовремено обврска на државата е да обезбеди услови во кои тие законски критериуми ќе бидат еднакво применливи за сите граѓани, без разлика на нивната припадност. Тие предупредуваат дека кога таквите услови не постојат, последиците најчесто ги трпат ранливите заедници, што ја продлабочува недовербата во институциите.

Во соопштението се нагласува дека јавниот простор во последните денови бил исполнет со пораки кои ја продлабочуваат стигмата кон ромската заедница. Според Мрежата, јавната дебата за управување без возачка дозвола многу брзо прераснала во наратив што ги редуцира Ромите на колективен проблем, наместо да се дискутираат основните структурни предизвици, како што се ограничениот пристап до образование, вработување и основни услуги.

„Расизмот кон Ромите останува клучна пречка поради која бројни политики и стратегии со децении не даваат резултати. Сведоци сме на повеќекратна дискриминација, особено кон жените Ромки“, се наведува во соопштението.

Мрежата истакнува дека сегрегацијата во образованието и исклучувањето од образовниот процес сè уште се реалност за значителен број ромски деца, и покрај пресудите од домашните и меѓународните судови. Оттаму, наместо исклучиво казнени пристапи, потребни се долгорочни и системски решенија што ќе обезбедат реален пристап до образование, вработување и социјална поддршка.

Организацијата предупредува и на зголемениот обем на говор на омраза и повици за насилство во јавниот простор, при што бара од институциите да постапуваат доследно, без разлика кон кого се насочени. Според нив, јавниот дискурс, особено кога доаѓа од високи функционери, мора да биде одмерен и одговорен.

Мрежата апелира и до медиумите да известуваат одговорно, без сензационализам и без ширење на наративи што поттикнуваат омраза и стигматизација. Посебно укажуваат на потребата онлајн порталите да ги модерираат коментарите под објавите и да ги отстрануваат содржините што содржат закани, говор на омраза и повици на насилство.

На крајот, Мрежата потсетува на обврските на државата според Општата препорака XXVII на Комитетот за елиминација на сите форми на расна дискриминација, нагласувајќи ја потребата од активни и насочени политики за инклузија на Ромите и елиминација на сегрегацијата и нееднаквиот третман.