Супер-момче од Австралија: Пливал четири четири часа низ немирно море за да ги спаси мајка си, братот и сестрата

Кармин

03/02/2026

17:10

804

Големина на фонт

а а а

Едно тринаесетгодишно момче пливало цели четири часа, при слаба светлина и во тешки услови, за да ги спаси животите на мајка си, братот и сестрата, откако брановите ги однеле на отворено море во југозападниот дел на Западна Австралија.

Семејството било на одмор во местото Квиндалап, околу 200 километри јужно од Перт, кога силни ветрови во петокот попладне ги однеле нивните СУП штици и кајакот подалеку од брегот во заливот Географ.

Тринаесетгодишниот Остин Апелби се обидел да доплови до брегот за да побара помош, но неговиот кајак почнал да пропушта вода, поради што бил принуден да плива околу четири километри.

Зборувајќи за „ABC“, Апелби опишал како се борел со немирното море додека се обидувал да плива носејќи елек за спасување.

По два часа го соблекол елекот за да може поефикасно да плива, пренесе „The Guardian“.


„Мислев дека видов нешто во водата и бев многу исплашен, а во главата постојано си повторував дека ќе издржам до крај“, рекол младиот херој. Како што изјавил, оптимизмот го одржувал размислувајќи за „најсреќните нешта“ во неговиот живот.

„Бев целосно без здив, но не можев да почувствувам колку сум всушност изморен“, рекол Апелби, кој откако излегол на брегот морал и да трча два километри за да стигне до телефон и да повика помош.

„Реков: ’Ми треба хеликоптер, ми требаат авиони, ми требаат чамци, моето семејство е на море‘. Бев многу смирен. Мислам дека тоа беше затоа што бев во шок“, додало момчето.


Полиција на Западна Австралија во петок во 18 часот примила пријава дека семејството било однесено од бранови на отворено море, по што била покрената потрага и спасувачка акција – во која учествувале водната полиција, локални волонтери од поморската спасувачка служба и спасувачкиот хеликоптер на Западна Австралија.

Жената (47), момчето (12) и девојчето (8) биле лоцирани во 20:30 часот, како се држат за штица за веслање, благодарение на спасувачкиот хеликоптер.

Доброволен брод од поморската спасувачка служба бил упатен кон нивната локација и сите тројца биле успешно извлечени.


Командантот на спасувачката единица Пол Бресленд изјавил дека семејството било пронајдено околу 14 километри од брегот и дека со часови се одржувале на површината во немирно море пред да бидат лоцирани, пренесе „ABC“.

Бресленд навел и дека тринаесетгодишникот дал детален опис на боите на кајакот и штиците за веслање, што било од непроценлива помош за време на потрагата.

Лекарите од итната медицинска помош го прегледале семејството по што биле пренесени во здравствениот центар во Баселтон.

Портпаролот на болницата изјавил дека станува збор за „исклучително спасување“ и го пофалил тинејџерот за неговите „храбри постапки“.


Полицискиот инспектор Џејмс Бредли им се заблагодарил на сите кои учествувале во успешната спасувачка акција и рекол дека ова е потсетник колку брзо можат да се променат условите на море.

„За среќа, сите три лица носеле елеци за спасување, што придонело за нивното преживување. Нема зборови со кои доволно би се пофалиле постапките на тринаесетгодишното момче. Неговата решителност и храброст на крајот им ги спасија животите на неговата мајка, братот и сестрата“, нагласил Бредли.


Спонзорирани линкови

Маркетинг

назад до tocka.com.mk