Карлос Алкарас го освои Австралија опен со победа над Новак Ѓоковиќ и стана најмладиот тенисер што го комплетирал кариерниот гренд слем.
Карлос Алкарас е новиот шампион на Австралија опен! Првиот тенисер на светот во финалето го совлада најтрофејниот на сите времиња Новак Ѓоковиќ со 2:6, 6:2, 6:3, 7:5.
Шпанецот ја освои својата прва титула во Мелбурн, откако претходно по два пати триумфираше на Ролан Гарос, Вимблдон и УС опен.
Со 22 години и 272 дена, тој стана најмладиот тенисер во историјата што го комплетирал кариерниот гренд слем. Притоа, му го нанесе и првиот пораз на Ѓоковиќ во финалињата на Род Лејвер арената.

Алкарас по осми пат се бореше за титула на гренд слем турнир и го освои својот седми трофеј. Српскиот тенисер, пак, го одигра своето 38. гренд слем финале и се бореше за рекордната 25. титула, но не успеа да ја освои.
Ѓоковиќ одигра фантастичен прв сет и целосно ја контролираше играта, губејќи само два поени на свој сервис. Сепак, во продолжението Алкарас го подигна нивото, стана поагресивен и почна да го движи ривалот по теренот.

Шпанецот направи клучни брејкови во вториот и третиот сет, менуваше ритам, често излегуваше на мрежа и со тоа дополнително го заморуваше Ѓоковиќ. Во четвртиот сет, и покрај шансата за брејк за Србинот, Алкарас се извлече и со брејк во 12. гем ја запечати големата победа и новата титула.












