Судот ја откри гласовната порака која Блејк Лајвли ја испратила до Џастин Балдони

Точка

30/01/2026

20:49

787

Големина на фонт

а а а

Гласовна порака што актерката Блејк Лајвли му ја испратила на Џастин Балдони беше објавена како дел од судската документација поврзана со нивниот правен спор, а нејзиниот тон изненади многумина.

Магазинот „Пипл“ објави детали за пораката што Лајвли му ја испратила на Балдони на 8 февруари 2023 година, во период кога конфликтот меѓу нив сè уште не бил ескалиран. Пораката трае нешто повеќе од четири минути, а во неа актерката зборува за чувството на преоптовареност пред враќањето на работа по породувањето и изнесува лична молба поврзана со почетокот на снимањето.

„Здраво, се надевам дека си добро. Само сакав да ти се јавам за да ти спомнам нешто. Ова е меѓу нас. Искрено, сè уште е прерано да го споделам ова, но сè е во ред – станува збор за добри вести“, вели Лајвли на почетокот на пораката.


Таа објаснува дека пред филмот „Завршува со нас“ (It Ends With Us) требало да работи на друг проект и дека дала збор дека ќе го реализира. Тоа, според неа, би значело само една недела пауза меѓу двата ангажмани.

Лајвли додава дека нема дадилка за бебето и дека ѝ е потребно повеќе време пред да започне снимањето.

„Снимање во април, по снимање во март – тоа е едноставно прерано по породувањето, по недостигот од сон и со желбата да бидам во најдобра можна форма“, вели таа во пораката.

Таа ја спомнува и можноста за промена на распоредот на продукцијата, признавајќи дека тешко ѝ паднало тоа што била еден месец одвоена од сопругот, актерот Рајан Рејнолдс.

„Најдолго што сме биле разделени досега е помалку од две недели“, открива Лајвли.

Во пораката нагласува дека во моментот му се обраќа „повеќе како пријателка, отколку како нешто друго“, а ја завршува со шега дека сè можело да се каже за 30 секунди, но дека „ова е нејзината социјална интеракција во тие денови – зборување преку гласовни пораки“.


Балдони и Лајвли меѓусебно се тужат од 2024 година, откако заедно работеа на филмот „Завршува со нас“ (It Ends With Us), кој Балдони го режираше, а двајцата ги толкуваа главните улоги.

Подоцна, Лајвли го обвини Балдони за сексуално вознемирување и обид за водење клеветничка кампања против неа, што тој го негираше. Таа поднесе тужба, по што Балдони возврати со противтужба, обвинувајќи ја Лајвли и нејзиниот сопруг дека презеле контрола врз продукцијата на филмот. Судот минатата година ја отфрли неговата противтужба.

Судењето треба да започне во мај, а во меѓувреме во јавноста излегоа бројни пораки што тие ги разменувале. Меѓу нив има и пораки во кои Балдони тврди дека мислел оти Лајвли „го мести“, како и нејзина изјава до Мет Дејмон дека Балдони рекол оти разговарал со нејзиниот покоен татко.


Објавени се и пораки во кои Рејнолдс го нарекува Балдони „вистински, предаторски измамник“, „необјасниво токсичен хаос“ и „контролирачки манипулатор“.

Со оглед на сè што следело, малку е веројатно дека денес би комуницирале во пријателски тон. Објавените пораки покажуваат дека Лајвли подоцна го нарекла Балдони „несериозен режисер“ и „кловн“, а целиот случај својата кулминација треба да ја добие на суд во мај.