Шпанскиот крал Фелипе и неговата сопруга, кралицата Летиција, се појавиле пред народот и присуствувале на миса организирана за 45-те лица кои го загубија животот во железничката несреќа во Адамуз, во Кордоба.
Кралицата, како што и се очекуваше од неа, пристигнала во модна комбинација што оддавала тага, а на нејзиното лице јасно можела да се забележи болката. Таа им приоѓала на луѓето, на семејствата на жртвите, им изразила сочувство споделувајќи ја нивната болка.
Овој пат се одлучила за целосно црна комбинација – фустан скромен и едноставен, без никакви детали – кој го искомбинирала со црни хулахопки и чевли со ниска потпетица.

Бидејќи во еден момент почнал да врне дожд, таа носела и голем црн чадор, додека нејзиниот сопруг, кралот, чекорел покрај неа.
За Летиција многумина велат дека е една од најдобро облечените жени кога станува збор за кралици и принцези, а покрај тоа, таа е жена која добро знае каква одговорност носи титулата што стои покрај нејзиното име, па затоа секогаш се труди да се однесува во согласност со пригодата и со тоа како навистина се чувствува. Токму поради тоа е и една од најомилените жени во Шпанија.

Потсетуваме, несреќата се случила во близина на Кордоба, кога брз воз излетал од шините, а потоа удрил во друг воз. Официјалните лица ја опишале како најлошата железничка несреќа во Шпанија од 2013 година и една од најсериозните во Европа во последните неколку години.
Шпанија ја има најобемната мрежа на брзи железници во Европа, а несреќите со смртен исход се ретки.