Зверев се налути за медицинскиот тајм-аут на Алкарас: Секогаш ги штитите нив двајца

Дерби

30/01/2026

14:32

196

Големина на фонт

а а а

Александер Зверев не успеа да го победи Карлос Алкарас во денешното прво полуфинале на Аустралијан Опен, но може да биде задоволен од начинот на кој му се спротивстави на фаворитот и начинот на кој играше на маратонскиот меч.

Германецот сервираше за победа по повеќе од пет часа игра, но на крајот дозволи противникот да направи два брејка за краток период и остана без ново финале.

Во третиот сет Карлос Алкарас се пожали на грчеви и доби медицински тајм-аут, за што Зверев гласно протестираше кај судијката и супервајзорот на турнирот.

Саша потсети на правилото дека не е дозволено да се обезбеди тајм-аут за ваков проблем, алудирајќи дека противникот добива непотребна помош од официјалните лица.

– Неверојатно е да добие тајм-аут за грчеви, тоа е сра.е. Секогаш ги штитите нив двајца, – порача Зверев, алудирајќи на Алкарас и Јаник Синер.

– Имаше грчеви и вообичаено не можете да добиете тајм-аут за такво нешто. Но, што да правам, тоа не беше моја одлука. Мислам дека ова беше една од најголемите битки на овој турнир и затоа не сакам ситуацијата со тајм-аутот да биде главна тема, – дообјаснил Зверев на пресот по мечот.

Поради тие проблеми на Шпанецот, Зверев успеа да ги освои наредните два сета и да се најде во поволна позиција за победа, но ќе чека нова шанса за освојување на својот прв грен-слем.