Романската тениска легенда и некогашен најдобар играч на светот, Илие Настасе (79), се откажал од ќерката и таа денес е бездомничка. Тврди дека не го интересираат нејзините проблеми.
Настасе беше најдобар играч на светот во седумдесеттите години од минатиот век и ги освои Ролан Гарос и Ју-Ес Опен, додека двапати беше поразен во финалето на Вимблдон.
За време и по играчката кариера стана мултимилионер, а парите ги вложил и во воспитувањето на четирите деца. Но, со 35-годишната Шарлот повеќе нема никаков контакт и таа станала бездомничка во Соединетите Американски Држави.

Како што пренесе романскиот „Digisport“, Шарлот Настасе живее на улица во САД и преку социјалните мрежи ги моли пријателите за храна и засолниште. Поранешниот гренд-слем шампион го прекинал контактот со ќерката откако таа во 2021 година почнала да објавува фотографии и содржини за возрасни на платформата „Онлифенс“.
Поранешниот тенисер рекол дека ѝ посакува добро здравје, но дека повеќе не го интересира. Додал и дека вложил сериозни пари во нејзиното воспитување и образование.

„Ѝ посакувам добро здравје, но ја молам да престане со овие скандали. Таа си оди по својот пат. Ѝ помогнав кога ѝ беше потребно, ја платив школарината – речиси половина милион евра. Таа сега е во САД, а јас сум во Романија, веќе не ми е гајле. Секој си има свој живот“, изјавил претходно Настасе за својата ќерка.
Тој беше на врвот на АТП ранг-листата во 1973 и 1974 година. Во Меѓународната тениска куќа на славните се наоѓа од 1991 година. Ги освои Ју-Ес Опен (1972) и Ролан Гарос (1973), како и три гренд слем титули во машки двојки (по една на Роланд Гарос, Вимблдон и Ју-Ес Опен) и две титули на Вимблдон во мешани двојки.

Но, беше познат и по бројни скандали, како коментарите поврзани со бременоста на Серена Вилијамс и по непримерното однесување на Фед купот во 2017 година, кога како капитен на романската репрезентација беше исклучен од селекторската клупа.












