Раководството на Реал Мадрид размислува за следниот потег во однос на тренерската позиција и изборот на стручњак кој треба да биде долгорочно решение за шпанскиот тим.
Алваро Арбелоа ќе има простор за докажување до крајот на сезоната, но менаџментот на „кралскиот клуб“ веќе има свои адути за оваа позиција и дел од најугледните европски новинари истакнуваат едно интересно име.
Се работи за Унај Емери, актуелниот менаџер на Астон Вила, кој има договор со премиерлигашот до 2029 година, но прашање е дали ќе може да одолее на понуда од Реал.
Дел од највисокото раководство на шпанскиот клуб го смета Емери за најсоодветен профил за иден тренер на екипата, пред се поради успесите и резултатите кои ги постигнува со Вила во силен шампионат како Премиер лигата.
Германскиот новинар Патрик Бергер тврди дека првите контакти се веќе направени со агентот на Емери и шпанскиот стручњак е информиран за интересот на Реал уште на половина сезона, па уште отсега може да размислува за таква опција.
Претходно, Емери во Шпанија ги водеше Лорка, Алмерија, Валенсија, Севилја и Вилјареал.








