Ретро спортски автомобил со фарови што се подигаат, V6 мотор од „Toyota“ и цена од 390.000 евра.
„Bertone“ ја претстави сериската верзија на спортскиот автомобил "Runabout", модерна реинтерпретација на истоимениот концепт „Autobianchi A112 Runabout" од 1969 година.
По цели 57 години, овој модернизиран „ретро“ модел конечно пристигнува во производство – и тоа во исклучително ограничена серија.
Ќе бидат произведени само 25 примероци, а почетната цена изнесува 390.000 евра, без данок и дополнителна персонализација.
Со опциите и трошоците за испорака, конечната сума лесно ќе надмине половина милион евра, што јасно покажува дека Runabout е наменет за колекционери.

Ретро дизајн, модерна техника
Новиот "Runabout" ги задржува клучните дизајнерски елементи на оригиналот: клинестата силуета, „pop-up“ фаровите, кратките превеси и силниот визуелен идентитет на седумдесеттите години.
Долг е 3.990 мм, со ковани тркала од 18 инчи напред и 19 инчи назад, додека задниот дел го красат кружни стоп-светла, карбонски дифузер и централно поставени издуви.
Купувачите можат да изберат помеѓу "Targa" верзија со отстранливи кровни панели или "Barchetta" варијанта без кров, со широки можности за индивидуализација на боите и материјалите.

Аналоген дух и сила од „Toyota“
Внатрешноста е инспирирана од наутиката, со минималистичка командна табла, спортски седишта и елементи кои стилски потсетуваат на минатото, како класичната рачка на менувачот.
Дигитални инструменти се присутни, но акцентот е ставен на „аналогното“ доживување.
Под каросеријата се наоѓа алуминиумска механичка основа развиена со технологија на „Lotus“, додека погонот доаѓа од 3,5-литарскиот, централно поставен V6 мотор од „Toyota“ со компресор.

Моторот развива 475 коњски сили (349 kW), спарен е со шестстепен мануелен менувач, а силата се пренесува на задните тркала.
"Runabout" забрзува од 0 до 100 km/h за 4,1 секунда, достигнува 270 km/h, а масата на возилото изнесува само 1.057 кг, што дополнително го нагласува неговиот спортски карактер.

Премиера во Париз
„Bertone Runabout" за првпат ќе се појави пред публиката на саемот „Retromobile 2026“ во Париз, од 29 јануари до 1 февруари, каде ќе биде изложен рамо до рамо со оригиналниот концепт од 1969 година.
Совршена можност да се види како изгледа враќањето на една заборавена идеја – во модерно, но верно оригинално издание.

















