[ВИДЕО] Повеќе од 1.000 автомобили половина век лежат на дното на морето: Трагична приказна доведе до подводна депонија

Точка

23/01/2026

20:58

586

Големина на фонт

а а а

На дното на Лигурското Море, во близина на брегот на населбата Вараце, во италијанскиот округ Савона, се наоѓа вистинска гробница на автомобили.

На дното на Лигурското Море, недалеку од брегот на населбата Вараце, во италијанскиот округ Савона, се крие необична и малку позната приказна од минатото на оваа земја.

Станува збор за своевидна гробница на автомобили – повеќе од илјада возила што биле потопени во морето по една од најтешките природни катастрофи што ја погодиле Џенова во 20. век.

Улиците се претворија во реки

На почетокот на октомври 1970 година, силни врнежи ја погодија Џенова и околните општини. За само неколку часа, сè беше парализирано – улиците се претворија во реки, а водата немилосрдно носеше сè пред себе.

Загинаа повеќе од 40 лица, околу 2.000 беа раселени, инфраструктурата беше оштетена, а повеќе од илјада возила останаа заглавени во калта, пренесува „Vigili del Fuoco“.

Во деновите по поплавата, властите во Џенова се соочија со огромен проблем – како да се отстрани толкав број уништени автомобили?!

Завршија на длабочина од 50 метри

Во време кога еколошките стандарди речиси и не постоеја, беше донесено решение што денес изгледа шокантно – автомобилите беа фрлени во морето, пренесува „il Riformista“.

Прво беа отстранети горивото и маслото, а потоа со баржи беа транспортирани околу еден километар од брегот на Вараце. Завршија на длабочина од 50 метри, далеку од очите на јавноста.


„Депонијата“ не е заборавена

Иако невидлива од површината, „подводната депонија“ не е заборавена.

Нејзиното постоење го потврдуваат снимки и фотографии, како и сведоштва на рибари, кои тврдат дека токму тоа подрачје со текот на времето станало исклучително богато со риба.

Повеќе од 50 години подоцна, остатоците од автомобилите и понатаму лежат на дното. Променети од солената вода и протокот на времето, многу од нив се делумно или целосно затрупани со песок, додека други станале живеалиште за различни морски организми.