Нов бран измами ја зафати Германија, а особено се загрозени купувачите на автомобили. Криминалци присвојуваат возила и ги продаваат со оригинални документи на неинформирани купувачи, додека штетата е огромна, а властите засега делуваат немоќно.
Еден од поновите примери е забележан во декември 2025 година на паркинг северно од Ахен, каде што екипа на телевизијата „SWR“ чекала „Audi Q7“ по „ненадминлива“ цена од 56.000 евра, наместо реалните 80.000. Но возилото не му припаѓало на продавачот, туку станувало збор за украден автомобил од „rent-a-car“, а сторителот во последен момент не се појавил, очигледно сомневајќи се дека станува збор за замка, пишува „Fenix Magazin“, хрватски информативен портал од Франкфурт.

Измамите сè почесто се одвиваат по нов модел. Криминални банди изнајмуваат скапи автомобили со лажни лични документи, а додека трае договорот за наем, возилата сè уште не се во системот за потрага. Токму во тој временски период сторителите ги продаваат автомобилите понатаму. Измамата е возможна благодарение на голем безбедносен пропуст – криминалците располагаат со вистински „бланко“ документи, украдени од германските служби за регистрација на возила. Федералното министерство за внатрешни работи потврдува дека повеќе од 180.000 такви документи се наоѓаат на списокот за потрага, а на црниот пазар вредат и до 1.000 евра по парче.

Црвен аларм е ако бараат готовина
Властите засега тешко успеваат да одговорат на овој проблем. Здружението на компании за изнајмување возила веќе со месеци бара јавно објавување на броевите на украдените документи за купувачите да можат да ги проверат, но Министерството го одбива тоа со образложение дека службите за регистрација по кражбите често ни самите не знаат точно кои обрасци недостасуваат.

И покрај сè, постојат јасни знаци по кои може да се препознае измамата. Премногу ниската цена најчесто е мамка, бидејќи никој не „подарува“ десетици илјади евра. Сомнителни се и состаноците на паркинзи – секогаш треба да се инсистира на домашната адреса на продавачот. Барањето големи суми готовина исто така е аларм, бидејќи со тоа купувачот го прекршува и законот за спречување перење пари. Документите мора внимателно да се проверат, бидејќи и најмала грешка во печатот или текстот може да укажува на украден бланко-образец. Експертите советуваат дополнителни мерки на претпазливост и предупредуваат на правните последици. Криминалците често имаат само еден клуч, па треба да се инсистира на двата оригинални клуча и нивна проверка. Добро е и да се поведе сведок, бидејќи бандите не сакаат да делуваат пред публика.










