Хиперспортски автомобил со огромна километража – овој „Chiron“ руши рекорди

Точка

26/01/2026

17:16

495

Големина на фонт

а а а

Овој „Chiron“ има поминато повеќе километри од просечен семеен SUV.

Хиперспортските автомобили најголемиот дел од својот животен век го поминуваат затворени во гаражи со контролирана клима. Но, не и во овој случај, каде што сопственикот за своето секојдневно возило избрал автомобил со веројатно најскапо одржување.

Егзотичните автомобили по правило се третираат како инвестиција, па примероците со голема километража се вистинска реткост. Токму затоа еден „Bugatti Chiron“ со речиси 176.000 поминати километри предизвикува шок.

Овој „Chiron“ неодамна привлече големо внимание на социјалните мрежи поради отчитувањето на бројачот од 175.797 километри. Додека едни тврдеа дека станува збор за лажирана бројка, други го пофалија непознатиот возач затоа што автомобилот со 1500 коњски сили и моќен 8,0-литарски W16 мотор навистина го користел на патиштата, без да се грижи за цената на користењето.

Таквата километража е речиси незамислива за хиперспортски автомобил од оваа класа. Повеќето „Chiron“-и и слични модели низ годините поминуваат само неколку илјади километри, а многу од нив остануваат речиси неупотребувани, со релации поминати само на релацијата шлепер – гаража и обратно.

По дополнителна проверка, истиот автомобил е пронајден на „Instagram“ профилот на автомобилскиот фотограф Алекс Пенфолд. Снимен е на собир на суперавтомобили во октомври 2025 година со истото отчитување на километражата. Автомобилот е изведен во сино карбонско издание, со ентериер во боја на седло, и изгледа изненадувачки сочувано, без видливи траги на истрошеност.

„Bugatti“ го произведуваше „Chiron“ од 2016 до 2024 година, што значи дека најстарите примероци денес имаат околу десет години. За да се достигне ваква километража, автомобилот морал да поминува повеќе од 17.000 километри годишно, што е ниво на користење какво што во светот на хиперспортските автомобили е речиси непознато.

Објаснувањето лежи во фактот дека станува збор за тестно и развојно возило во сопственост на „Bugatti“. За разлика од автомобилите во приватни колекции, овој „Chiron“ не мируваше во гаража, туку поминуваше интензивни тестирања на издржливост, возење со големи брзини, различни валидациски циклуси и новинарски тест-возења.

Таквиот начин на користење го прави своевиден доказ за тоа колку „Chiron“ може да биде издржлив. Сепак, треба да се нагласи дека овој примерок бил одржуван со исклучителна фабричка грижа и ресурси какви што на приватните сопственици не им се достапни. И покрај тоа, тој покажува ниво на трајност какво што „Bugatti“ сака да го постигне со секој автомобил што ја напушта фабриката во Молсхајм.

Одржувањето чини колку нов суперавтомобил

Трошоците за одржување на хиперспортските автомобили со години се предмет на гласини и претерувања. Во неодамнешно видео, директорот на „Bugatti“, Мате Римац, се обиде да ги ублажи тврдењата дека сервисирањето на „Chiron“ достигнува апсурдни износи. Сепак, не е тешко да се замисли дека одржувањето на примерок со ваква голема километража може да чини колку и целосно нов суперавтомобил.

Според официјалниот сервисен план, „Chiron“ мора да оди на преглед најмалку еднаш годишно, додека големиот сервис се изведува приближно на секои четири години. W16 моторот бара целосна замена на маслото и течностите на секои 14 месеци или на секои 15.000 километри, во зависност од тоа што ќе настапи прво. Поради сложеноста на моторот, станува збор за процедура која бара специјализирани алати и многу работни часови.

Гумите се исто така редовен трошок, иако помалку екстремен отколку кај „Veyron“, чијшто замени беа познати по многу високи износи. Карбонско-керамичките сопирачки бараат повремена замена или обновување, особено ако автомобилот често се возел со големи брзини или на патека. Не е познато дали овој тестен примерок имал обновување на моторот или менувачот, но таквите зафати би ги подигнале трошоците на сосема ново ниво.


Бидејќи веројатно станува збор за автомобил од интерната флота на „Bugatti“, сите работи се изведуваат внатре во компанијата, а деловите се достапни преку нивната логистичка мрежа.

Уште во 2014 година, тогашниот претседател на „Bugatti“, Волфганг Дирхајмер, изјави: „Просечниот купувач на марката поседува 84 автомобили, три авиони и една јахта“. Иако профилот на купувачите со текот на времето можеби донекаде се променил, јасно е дека сопствениците на такви колекции не го возат секој автомобил често ниту на долги релации.

Затоа овој „Chiron“ многу веројатно е примерок со најголема километража меѓу сите „Chiron“-и. Единствениот што евентуално би можел да го надмине е пензиониран развоен прототип на „Veyron“, но за тоа нема јавно достапни податоци.