Како Германија ги депортира луѓето?

Точка

28/01/2026

23:30

793

Големина на фонт

а а а

Во последните десет години германската влада спроведе низа реформи за да ја олесни депортацијата на мигрантите за кои бирократскиот систем проценува дека имаат „мали шанси да останат во земјата“.

Тие напори во последно време дополнително се засилени, бидејќи и канцеларот Фридрих Мерц (ЦДУ) и неговиот претходник Олаф Шолц (СПД) се обидуваа да ги отстранат правните пречки за депортациите, пишува Дојче Веле.

Резултатот е видлив во статистиката: според податоците на германското Министерство за внатрешни работи, меѓу јануари и ноември 2025 година биле спроведени 21.311 депортации – што е 16 отсто повеќе во однос на истиот период претходната година. (Од 2023 до 2024 година исто така е забележан пораст од 22 отсто.) Дополнително, повеќе од 30.000 луѓе во 2025 година доброволно ја напуштиле земјата откако им бил врачен документот „Grenzübertrittsbescheinigung“ – потврда со која се известуваат дека се должни да ја напуштат Германија до одреден рок.


Кој може да биде депортиран?

По правило, секој мигрант без регулиран статус на престој, како и секој барател на азил чие барање е одбиено е должен да ја напушти Германија во одреден рок (за барателите на азил рокот е еден месец). Ако тоа не го направат, може да бидат депортирани. Но, постојат исклучоци.

Некои луѓе добиваат статус „толериран престој“ (Duldung) ако постои пречка за депортација, на пример:

нејаснотии во врска со нивниот идентитет

блиска семејна врска со лице кое исто така има толериран статус

хуманитарни или медицински причини

ако веќе нашле работа во Германија.

Околу 180.000 луѓе во Германија го имаат овој статус. Одлуката за спроведување депортација ја донесува локалната служба за странци, која проверува дали постојат правни пречки. Ако не ги пронајде, се одредува датум за депортација (кој не му се соопштува на лицето). Ако лицето претходно се обидело да ја избегне депортацијата или властите проценат дека би можело да побегне, државата може да одреди притвор до денот на депортацијата.


„Депортациите по својата природа се многу бирократски и многу сложен процес“, изјавила Свенја Шураде од Универзитетот во Гетинген, која учествува во европски проект за последиците од политиките за враќање и повторен прием во земјата на потекло. „

Тоа делумно е затоа што депортациите, во еден дел, се договараат на ниво на меѓународна дипломатија: под кои услови државите ќе ги примат назад своите државјани? За тоа се потребни одредени докази, одредени дипломатски односи. А тука има и прилично сложен организациски процес“, изјавила Шураде за ДВ.

Како се спроведуваат депортациите?

Иако одлуката за депортација ја носат покраинските служби за странци, самата депортација ја спроведуваат службеници на сојузната полиција. Во некои случаи, за враќање во одредени земји се изнајмуваат цели авиони за „колективна депортација“, а полицијата се обидува да ги организира приведувањата така што авионот да биде пополнет. Во 2024 година околу 7.300 од 20.100 депортации биле спроведени со чартер-летови.

Тоа може да биде скапо за државата: само изнајмувањето авион може да чини десетици илјади евра, а на летот мора да има и повеќе сојузни полицајци кои ги придружуваат депортираните лица. Во многу случаи, лицата што би можеле да бидат депортирани најпрво се повикуваат да се јават во службата за странци, каде што ги чека службеник на сојузната полиција кој ги известува дека ќе бидат депортирани. Потоа ги придружуваат до дома за да земат облека и лични работи, пред да ги однесат директно на аеродром, пишува ДВ.


Но, во некои случаи полицијата доаѓа во домовите во раните утрински часови и ги апси луѓето. За разлика од американската Служба за имиграција и царина (ICE) полицајците носат униформи и не се маскирани. Мора да имаат службени легитимации и да ги кажат своите имиња ако тоа им се побара.

Постојат бројни сведоштва за тоа колку ова може да биде стресно. Еден поранешен управител на дом за мигранти во Германија, под услов на анонимност, раскажал за ДВ за случај кога полицијата се појавила во 5 часот наутро и одвела човек со попреченост директно на аеродром, оставајќи ја неговата сопруга, која исто така е лице со попреченост, без старател/негувател.

Официјално, на депортираните лица им е дозволено да остварат телефонски повици пред депортацијата, а во некои случаи адвокати во последен момент успеале да спречат депортации. Исто така, има извештаи дека на луѓето им биле одземани телефоните.

Како се забрзале депортациите?

Германската влада во последните десет години презела повеќе мерки за забрзување на депортациите. Меѓу нив се:

2015: Законот беше изменет за да опфати повеќе причини за задржување на лица во притвор пред депортација.

2016: Беа намалени медицинските исклучоци – исклучок можат да бидат само лица со хронични или животозагрозувачки болести.

2019: Законот беше изменет така што лицата за кои се процени дека би можеле да избегаат можат превентивно да бидат задржани во притвор, со проширена листа на критериуми за ризик од бегство. Пренесувањето информации за планирани депортации стана кривично дело.

2022: Овозможено е барателите на азил означени како опасни превентивно да бидат задржани во притвор до шест месеци.

2024: Полицијата доби право да претресува и други простории во станот во потрага по лица што треба да бидат депортирани.


Што би направил баварскиот АфД?

Шураде рекла дека овие мерки не ги забрзале депортациите. „Нашето истражување покажува дека овие мерки не ги направија депортациите нужно поефикасни.Она што, сепак, го направија е дека доведоа до поголема општествена исклученост и ги доведоа луѓето во уште понесигурни животни ситуации“, истакнала таа.

Иако Германија нема еквивалент на специјализираната американска Служба за имиграција и царина (ICE), тоа би се променило доколку баварскиот огранок на крајнодесничарската Алтернатива за Германија (АфД) ги спроведе своите планови. Очигледно инспирирана од постапките на „ICE“ за време на мандатот на претседателот Доналд Трамп, една интерна анализа на АфД, во која имал увид германскиот весник „Tageszeitung“, предлага основање нов оддел во рамки на баварската покраинска полиција под назив „Asyl- Fahndungs-und Abschiebegruppe (AFA)“ – односно „Група за азил, потрага и депортации“. Колку тоа би било ефикасно, е друго прашање.