УНИЦЕФ ја прогласи најдобрата земја за одгледување деца и само неупатените ќе бидат изненадени

Точка

28/01/2026

20:28

732

Големина на фонт

а а а

Холандија е најдобрата земја во светот кога станува збор за благосостојбата на децата, соопшти УНИЦЕФ врз основа на своето истражување „Иносенти“ (Innocenti).

Извештајот „Иносенти“ претставува ранг-листа на земји според тоа како напредуваат во клучните аспекти на детската благосостојба. Како што наведува УНИЦЕФ, рангирањето не се базира на инфраструктура или економски показатели, туку на реалните услови во кои растат децата. Во истражувањето се опфатени 43 земји членки на Организацијата за економска соработка и развој (ОЕЦД) и Европската унија, кои се оценувани според менталната благосостојба, физичкото здравје и вештините на децата и адолесцентите.


Иако се нагласува дека простор за подобрување постои во сите земји – дури и кај оние на врвот од листата – како најдобри се издвојуваат Холандија, Данска и Франција. Овие држави покажуваат силни резултати во сите три категории.

Холандија особено се истакнува во делот на менталното здравје. Децата таму генерално чувствуваат помалку стрес во споредба со многу други земји, а општеството и образовниот систем активно ја поддржуваат рамнотежата меѓу учењето и слободното време. Голем процент деца, особено тинејџери, изјавуваат дека се задоволни од својот живот.

Државата значително инвестира во здравствени услуги, квалитетно предучилишно образование и јавни содржини како библиотеки, спортски и културни центри, кои овозможуваат децата да растат во здрава и поттикнувачка средина.

Дел од ова, објаснува Олга Мекинг, мајка на три деца која живее во Холандија веќе 15 години и авторка на книгата „Niksen: Embracing the Dutch Art of Doing Nothing“, е поврзано со културата.


„Постои наратив според кој Американците се обидуваат сите да ги научат да бидат исклучителни. Овде постои изрека: ‘Само биди нормален – тоа е веќе доволно лудо’“, изјави таа во интервју за „Би-би-си“, укажувајќи на менталитет што придонесува за помалку оптоварено детство.

Таа додаде дека голем акцент се става и на дружењето, а групните активности, клубовите и заедничките иницијативи се многу распространети.

Сепак, според неа, среќата на холандските семејства и деца не е само културно прашање, туку и резултат на силен систем.

„Не може да постои холандско родителство без холандски систем на социјална заштита“, нагласува таа. „Холандија навистина им нуди голема поддршка на родителите.“

Топ 20 земји за растење деца

Македонија не се најде на листата, но Словенија и Хрватска постигнаа добри резултати. Еве како изгледа листата на 20 најдобри земји од аспект на детското растење:

1. Холандија

2. Данска

3. Франција

4. Португалија


5. Ирска

6. Швајцарија

7. Шпанија

8. Хрватска

9. Италија

10. Шведска

11. Унгарија

12. Австрија

13. Словенија

14. Јапонија


15. Литванија

16. Романија

17. Финска

18. Чешка

19. Канада

20. Словачка