Малото херојче, бебе родено во 29 гестациска недела, со родилна тежина од само 1.100 грама и срцева маана, конечно ќе ужива во топлината на својот дом.
Моментално бебенцето е во одлична здравствена состојба и потешко за еден килограм, па по 50 дена поминати во болница ќе може да се „вгнезди“ во својот дом покрај своите родители.

Оваа позитивна и радосна вест ја сподели доктор Владимир Чадиковски којшто откри дека новороденчето по раѓањето било во исклучително тешка состојба поради дијагностицирана срцева маана, па итно било префрлено на Одделот за детска кардиохирургија каде започнала борбата за неговиот живот.
Под објавените фотографии, д-р Чадиковски напиша:
„Бебето е родено во 29. гестациска недела, со родилна тежина од 1100 грама во многу тешка здравствена состојба. Поради дијагностицирана срцева мана, итно беше префрлено на нашиот оддел за понатамошно лекување.
По 50 дена посветен третман, грижа и континуирана борба, денес ова бебе се испишува во одлична општа состојба, со телесна тежина од 2100 грама, заедно со своето семејство.
Огромна радост за семејството, но и за нас. Браво за родителите за нивната сила и трпение.

Големо браво за целиот медицински тим од одделот за детска кардиохирургија – за знаењето, посветеноста и човечноста.
Ваквите приказни нè потсетуваат зошто медицината не е само професија, туку и мисија“.