После долги години во кој го бараше вистинскиот колосек, се чини дека Лорис Кариус го пронајде местото во кое се чувствува добро и сакано, а како прв голман на Шалке 04, германскиот чувар на мрежата има импресивни бројки зад своето име оваа сезона.
Великанот од „Фелтинс арена“ е прв во втората германска Бундеслига и како лидер на полусезоната е главен фаворит за пласман во елитниот ранг, а круцијална улога на изминатите 18 натпревар одигра Кариус.
Поранешниот голман на Ливерпул има 10 „чисти мрежи“ на 18 одиграни натпревари во втората Бундеслига, па тоа му дава за право да гледа на иднината со голема самодоверба, нешто што не беше случај пред седум или осум години.
Кариерата на Кариус не беше иста по огромните грешки кои ги направи во големото финале против Реал Мадрид во Лигата на шампиони, а сега кога му оди далеку подобро, Лорис се наврати на најтешките моменти во интеврјуто за „Индепендент“.
– Во првите шест месеци по кошмарот со Реал Мадрид, бев како пензиониран. Бев пензиониран во моите мисли, едноставно не мислев на фудбал. Знам дека звучи драматично, но самодовербата ми беше на навистина ниско ниво.
– Требаше да поминат години, но сега самодовербата ми е на високо ниво. Сигурноста која ја имам во Шалке ми значи многу. Клубот има поддршка за секој фудбалер од првиот тим, ситуацијата е иста во добри, но и во лоши моменти. Се обидувам да им донесам радост од секаков можен карактер, па ќе видиме до каде ќе стигнеме, – вели Кариус.








