Со необичен кариерен пат оди Александар Нури (46), тренерот кој во 2016 година беше најзаслужен што Вердер го зачува статусот на бундеслигаш.
Под водство на Нури, тогаш млад и перспективен стратег (таа година ја доби професионалната лиценца, заедно со Јулијан Нагелсман и Доменико Тедеско), екипата од Бремен нанижа 11 натпревари без пораз, запиша девет победи во тој налет и избегна испаѓање во понизок ранг.
Понатамошната кариера на овој фудбалски тренер, сепак, не беше толку успешна како споменатата епизода со Вердер, неговиот матичен клуб, за кој играше дури 14 години.
По Вердер беше тренер на Инголштад, но само накратко, потоа работеше како асистент во Херта две сезони, а истата улога ја имаше и во стручниот штаб на Соединетите Американски Држави, заедно со Јирген Клинсман.

Во сезоната 2021/2022 доби повик од Кавала, кога повторно самостојно водеше тим, но тоа беше крајно неуспешна соработка и целосно фијаско – грчкиот клуб заврши последен на табелата.
Оттогаш, Нури „исчезна“ од фудбалот. Всушност, сфати дека мора да пронајде нешто посигурно од тренерската професија, во која, освен епизодата со Вердер, не успеа да се одржи на површината.
Германските медиуми неодамна се заинтересираа за животот и кариерата на овој тренер и беа целосно изненадени кога го пронајдоа во еден ресторан на „McDonald’s“, во местото Херцогенрат, во Северна Рајна – Вестфалија.
Tedesco ve Nagelsmann ile aynı dönem mezunu olan ve geleceğin antrenörleri arasında gösterilen Alexander Nouri artık futbolda değil McDonalds’ta yöneticilik yapıyor… pic.twitter.com/m1UYr57Spw
— Koray DURKAL (@kdurkal) January 21, 2026
Нури таму е менаџер во два објекта на популарната франшиза за брза храна.
За својот нов повик вели:
„На крајот на денот, во двете работи што сум ги работел суштината е иста – да ги поврзувате луѓето. Во фудбалот тоа се играчите, а овде тоа се вработените што ги водите“, изјави Нури за германските медиуми.

Тој е на сегашната позиција од јануари оваа година.
Како што вели, основниот принцип во тренерската работа и во улогата на менаџер е ист: „мора да разберете кој е пред вас, што го мотивира и што треба да направи“.










