Францускиот фудбалски репрезентативец Лукас Ернандез и неговата сопруга се под истрага по сериозни обвиненија за трговија со луѓе и скриена работа, поднесени против нив од една колумбиска фамилија.
Според тврдењата во пријавата, фамилијата тврди дека парот ги принудувал да работат во периодот од септември 2024 до ноември 2025 година, без легален работен договор и без потпишани работни договори.
Во пријавата се наведува дека секој член на фамилијата работел помеѓу 72 и 84 часа неделно, со исклучително долги работни денови и без уредно регулирани работнички права.
Колумбиската фамилија, како што се наведува, го пријавила случајот во јавното обвинителство во Версај, кое ќе утврди основаност на обвиненијата и евентуална кривична одговорност.
Досега ниту Лукас Ернандез, ниту неговата сопруга не се огласиле јавно по овие наводи, а се очекува официјална реакција од надлежните институции во наредниот период.
Оваа сезона Ернандез забележа 17 настапи за ПСЖ во сите натпреварувања, додека дресот на репрезентацијата на Франција го носеше во 40 наврати.










