Заев и Филипче се обиделе да му ја превземат приватната болница на др. Жан Митрев, институциите молчеле, обвини ВМРО-ДПМНЕ

Макфакс

19/01/2026

11:29

315

Големина на фонт

а а а

Заев и Филипче додека се обидувале да му ја превземат болницата на др. Жан Митрев, ја претвориле Македонија во рекетарска држава, а јавното обвинителство и институциите молчеле и им биле во служба, обвинија од ВМРО-ДПМНЕ.

„Во времето на СДС, институциите на државата не служеа на граѓаните, туку на задоволување на бизнис апетитите на Зоран Заев и Венко Филипче. Заев и Филипче, ја користеле целата политичка и институционална моќ, за да вршат директен притисок врз др. Митрев со цел неговата приватна клиника да биде преземена по багателна цена. Дека тандемот Заев- Филипче се обиделе да му ја превземат приватната болница на др. Жан Митрев посведочи самиот тој во интервју на телевизија. Во период кога против др. Митрев се водел судски процес, а биле блокирани неговите лични средства и сметките на болницата, во исто време му наметнале и забрана за располагање со удели. Но, по интересот за откуп на болницата од страна на Заев како тогашен премиер и Филипче како министер, Јавното обвинителство ја укинало забраната за продажба“, велат од ВМРО-ДПМНЕ.

Според партијата, брзината и тајмингот јасно укажуваат на политичко влијание и директна злоупотреба на обвинителството од страна на тогашната власт на Заев и Филипче.

Институциите наместо да постапуваат непристрасно, велат од ВМРО-ДПМНЕ, тие од страна на Заев и Филипче биле користени како средство за притисок и принуда.

„Најскандалозно од се е тврдењето дека на др. Митрев му била понудена спогодба, продажба на клиниката по цена под пазарната вредност, во замена за олеснување или ослободување од обвиненија. Ова е доказ за груба злоупотреба и тргување со правдата од страна на Заев и Филипче. Ова е вистинска слика за СДС и нивното владеење, за Заев и Филипче. Рекет, принуда, притисок, тендери во четири очи, проценти, тоа се начините на делување на кланот Заеви и нивниот спотер што ја чува фотелјата на Бихачка, Филипче. ЈО да постапи и да ги испита сите наводи, без заштита и без калкулации. Доста е од неказнивост. Време е Заев и Филипче да одговараат за секоја злоупотреба, секој притисок и секој криминал што го направија додека ја држеа државата како личен имот. Македонија мора да расчисти во ваквите криминални практики. Законот мора да важи за сите особено за оние кои мислат дека се недопирливи“, велат од ВМРО-ДПМНЕ.