Градоначалникот на јапонскиот град Јокохама, Такехару Јаманaка, се извини откако беше обвинет за вербално малтретирање на соработниците, нарекувајќи ги „идиоти“ и „човечки отпад“, пренесе Би-Би-Си.
На прес-конференција, директорот на градската служба за човечки ресурси, Џун Кубота, изјави дека градоначалникот Јаманaка повеќепати користел навредливи изрази кон вработените, вклучително и кон него лично. Според Кубота, Јаманaка ги нарекувал службениците „бескорисни“, „глупави“ и „неквалитетни“, давал коментари за нивниот изглед и ги споредувал со животни.
Кубота го обвини и за закана, посочувајќи дека му било кажано дека треба да изврши „сепуку“ – ритуално самоубиство – доколку не успее да обезбеди кандидатура на градот за една меѓународна конференција. Тој побара јавно извинување и иницирање на истрага. Во Јапонија е исклучително невообичаено активен градски службеник да го обвини актуелниот градоначалник.
Првично, Јаманaка ги негираше обвинувањата на својата лична веб-страница, но подоцна јавно призна дека ги изговорил зборовите „идиот“ и „човечки отпад“, и се извини. „Искрено сакам да се извинам што го оптоварив директорот на човечки ресурси“, изјави тој.
Објасни дека изјавите биле дадени во контекст на разговори за оценување на вработените. „Ќе размислам за сè. Ќе внимавам повеќе на моите зборови и однесување“, додаде. Сепак, Јаманaка ги негираше обвинувањата дека давал коментари за изгледот на соработниците.
Најави дека се разгледува можноста за истрага која ќе ја надгледува заменик-градоначалникот, и рече дека искрено ќе соработува доколку биде спроведена.
Кубота, како реакција на извинувањето, изјави дека Јаманaка негира дел од изјавите кои навистина ги дал. „Градоначалникот ништо не разбира. Не можам да го прифатам ова како извинување. Сакам да се промени“, порача Кубота.












