[ФОТО] Требало да биде рај за богатите, но денес е едно од најморничавите напуштени места: Што се случило со ова одморалиште кое наликува на НЛО?

Точка

16/01/2026

14:44

913

Големина на фонт

а а а

Требало да биде одморалиште какво светот досега не видел. Луксузно летувалиште крај море, со куќи во облик на летечки чинии и вселенски капсули, целосно опремени со најмодерни технологии.

Педесетина години подоцна, сликата е сосема поинаква. Покриени со зеленила и грмушки, од шумата провируваат бизарни објекти кои како да не се од оваа планета, запуштени, пропаднати и оставени на времето. Добредојдовте во така наречениот НЛО град, напуштена туристичка населба која станала атракција поради необичниот изглед и бизарната приказна што ја чува!

Куќички со овален облик, инспирирани од вселенски летала

Еден од најнеобичните напуштени проекти во светот се наоѓа на североисточниот брег на Тајван, во местото Санџи недалеку од Тајпеј. Го нарекуваат НЛО град, и првиот поглед на него открива зошто. Куќичките во кои требало да уживаат богатите се овални, со необични прозорци, како да излегле од некој СФ филм. Само што денес се оронети, во полураспаднато состојба, што на целиот призор му дава дополнителна мистична нота.


Проектот е започнат во време на технолошки оптимизам

НЛО град на Тајван е футуристички туристички комплекс, за кој проектот е започнат крајот на 1970-тите, во период на силен технолошки и економски оптимизам. Идејата била да се изгради луксузно летувалиште крај море, наменето за богатите тајвански туристи и американските воени офицери стационирани во регионот.


Архитектурата била инспирирана од вселената; куќите биле замислени како монолитни структури без видливи споеви, опремени со тогаш луксузни содржини, како мермерни подови и панорамски прозори со поглед на океанот.

Сè запрело поради недостиг на пари и спорови околу сопственоста и дозволите

Меѓутоа, проектот многу брзо наишол на сериозни проблеми. Веќе по две години, изградбата била запрена поради финансиски тешкотии, спорови околу сопственоста на земјиштето и нејасни градежни дозволи. Трошоците нагло растеле, инвеститорите се повлекувале, а комплексот никогаш не бил завршен. Обидот за оживување на проектот во 1980-тите исто така пропаднал, делумно поради лошата состојба на запуштените објекти, но и поради сомневања за нивната отпорност на земјотреси, кои се чести во тоа подрачје.


НЛО градот од почетокот го следеле локални легенди и суеверија

Покрај техничките и финансиските проблеми, проектот го следеле и бројни локални легенди. Со текот на годините се шират приказни за несреќи и смртни случаи на градилиштето, за духови кои наводно ги опседуваат недовршените куќи, како и за лошиот „фенг шуи“ на самата локација. Особено се споменувало оштетувањето на камениот змеј, симбол на среќа и заштита, што во локален контекст дополнително го зацврстило уверувањето дека местото е „проклето“.


Култно место за истражувачи на напуштени и мистични локации

По напуштањето, НЛО градот со децении пропаѓал и постепено станал култна локација за љубителите на истражување на напуштени места. Футуристичките градби во контраст со природниот пејзаж создале глетка која е застрашувачка, но визуелно фасцинантна. Во 2008 година конечно е донесена одлука за рушење на комплексот за да се ослободи простор за нова туристичка населба, но плановите никогаш не биле целосно реализирани.


Куќите изгледаат нестабилно, фасадите се оронети…

Новинарката на порталот „TravelBook“ неодамна ја посетила оваа локација и ги пренела своите впечатоци. Таа пишува дека сите куќи во облик на јајце се оронети, со скршени прозори и делуваат многу нестабилно. Фasadите се трули, а остатоците од прозорите се клатат на ветарот. Но, дури и во оваа дистописка атмосфера, пишува, може да се претпостави како сè било замислено поинаку, особено имајќи ја предвид близината на морето и погледот што се пружал од денешните пропаднати објекти.


Неуспешна визија на модерен туризам

Денес, повеќето од објектите во НЛО градот се или отстранети или во потполно распаѓање, а проектот останува пример за амбициозна, но неуспешна визија на модерен туризам. Наместо футуристички рај, Санџи доби една од најпознатите локации на урбана пропаст во Азија — место кое сè уште ја поттикнува фантазијата и сведочи за тенката граница помеѓу архитектонската утопија и потполниот неуспех.