Научниците предупредуваат: Спиењето подолго од девет часа носи поголем здравствен ризик

Точка

11/03/2026

17:29

262

Големина на фонт

а а а

Иако често се зборува за опасностите од недостиг на сон, поретко се споменува дека и премногу сон може да биде штетен.

Во пресрет на Светскиот ден на спиењето, кој се одбележува во петок, на 13 март, со цел подигнување на свеста за важноста од здравите навики за спиење, експертите објаснија која е горната граница на здрав сон и како да се постигне идеална мерка за одмор.


Додека многумина за време на викендот сакаат да се излежуваат и по десет часа сон да се разбудат околу во 11 часот, научните истражувања покажуваат дека таквата навика може да има негативни последици.

Лекарките Шарлот Гупта и Габриел Риње во текст за „The Conversation“ пишуваа за влијанието на прекумерното спиење врз целокупното здравје, а нивните наоди се изненадувачки.


Опасности од прекумерно спиење

Преглед на 79 научни студии покажал дека лицата кои спиеле повеќе од девет часа ноќе имале 34 отсто поголем ризик од смрт во споредба со оние кои спиеле препорачаните седум до осум часа, пренесува „B92“.

Сличен тренд покажала и студија од 2018 година, која го следела здравјето на сонот кај учесниците во период од една до 30 години. Истражувањето открило дека лицата кои спиеле повеќе од девет часа имале 14 отсто поголема веројатност за смрт во текот на траењето на студијата.


Во студиите се наведува дека премногу сон е поврзан со низа здравствени проблеми, вклучувајќи депресија, хронична болка, дебелина и метаболички нарушувања.