[ФОТО] Знаете ли зошто бројни куќи во Португалија се обложени со плочки, а не со камен? Зад шарените фасади се крие интересна историска приказна

Точка

16/01/2026

13:52

504

Големина на фонт

а а а

Секој кој бил во Португалија, добро е запознаен со поимот „azulejo“. Всушност, тој ззбор некако се „вметнал“ и во животите на многумина кои никогаш не ја посетиле таа прекрасна земја. Како и не би?

Португалскиот „azulejo“ со текот на годините стана поим од општа култура, еден од симболите на таа земја кој стекнал обожаватели ширум светот. Иако денес се сметаат пред сè за „португалско наследство“, глазирани и прекрасно насликаните керамички плочки потекнуваат некогаш од Северна Африка и стигнале на Пиринејскиот Полуостров за време на маварската власт. Во Португалија и Шпанија почнале да се користат во 13. век.

Спор околу потеклото на самиот збор „azulejo“

Лисабон, главниот град на Португалија, денес е светска метропола која може да се пофали со најмногу фасади „облечени“ во керамички плочки. Некогаш тие главно биле бели и сини, и често се смета дека самиот збор „azulejo“ всушност е изведен од португалскиот збор за сино, „azul“. Но, други тврдат дека тоа не е точно и дека терминот всушност потекнува од арапскиот израз „az-zulayj“, што значи полиран или сјаен камен.


Португалија прво ги увезла од Шпанија

Во текот на 15. и 16. век, Португалија ги увезувала од Шпанија, каде што, на пример, се користеле при изградба и украсување на цркви. Наводно, самиот крал Мануел I се заљубил во нив при посета на Шпанија и решил да ја декорира со нив и палатата во Синтра каде што седел. Со текот на времето, Португалците целосно го презеле приматот во изработката на плочки и веќе во 17. век ги извезувале на Азорите, Мадеира и во Бразил, а со текот на времето дури станале најголеми производители на плочки во светот. Препознатливите керамички плочки со текот на времето добиле и статус на уметничко дело.


Првично украсувани со геометриски мотиви, подоцна и со цвеќе и бродови

Првично, во дизајнот на „azulejo“ плочките, инспирирани од арапските мотиви, главно се користеле геометриски форми, а подоцна и сите останати мотиви — од цвеќе, дворски сцени, па сè до бродови и сакрални моменти. Сè до 19. век, како што велат познавачите, плочките главно се користеле во ентериери, но околу 1840 година „се преселиле“ и на фасадите и надворешните ѕидови на објектите. Всушност, станале неизбежни на објекти од јавен значај, како што се палати или цркви, а исто така украсувале и пораспаднати резиденцијални објекти. На пример, почесто ги користеле побогатите семејства како декоративен елемент.


Освен поради естетиката, се користеле и како изолатор

Се смета дека фасадите биле обложувани со плочки не само поради естетски причини, туку и затоа што тие придонесувале за одржување на топлината. Исто така, помагале и во спречување на ширење на пожар во случај на огнен инцидент. Наводно, по земјотресот што во 1755 година уништил голем дел од Лисабон, плочките биле многу користени бидејќи биле поевтини од другите градежни материјали.

На почетокот на 20. век паднаа во немилост, но се вратија со голем сјај


На почетокот на 20. век нивната употреба малку се намали. Имено, богатите кои некогаш ги обожавале и ги користеле како јавен доказ на своето богатство, сега почнале да ги избегнуваат, сметајќи ги за невкусни. Но, покрај тој „мрачен“ период во нивната долга историја, „azulejo“ плочките се вратиле со голем сјај во 1950-тите, при изградбата на лисабонското метро. Дел од тамошните станици биле декорирани токму со шарени мотиви на плочки, претежно со дела на ликовната уметничка Марија Кеил. Португалија денес, како и остатокот од светот, ги обожава. Од 2017 година им се оддава и посебен ден, Национален ден на „azulejo“ плочките, кој се слави на 6 мај.