[ФОТО] Хит во Париз: Кафуле во кое луѓето одат да напишат писма што ќе пристигнат на адресата дури по 5 години

Точка

16/01/2026

15:16

282

Големина на фонт

а а а

„Драга моја, јануари е 2026 година и сум во кафулето Пли во Париз. Ти го пишувам ова писмо со надеж дека сè уште се сеќаваш на овој период, кој не беше толку одамна. Има многу работи за кои се надевам дека си постигнала досега, но пред сè се надевам дека се чувствуваш смирено и во склад со себе“, е пример за првите неколку редици што посетителите на едно париско писмо-кафуле, со торта и кафе, одлучуваат да си ги напишат себеси за да ги добијат за една, пет или дваесет години.

„Café Pli“ е прво кафуле од ваков тип во Европа, инспирирано од Нулдам Спејс, кафуле со сличен концепт во Сеул, Јужна Кореја. Се наоѓа на улицата „38 rue du Faubourg du Temple“ во 11-тиот арондисман во Париз. Го основала Женевјев Ландсман во јули 2024 година. Посетителите можат да изберат од различниот прибор за пишување како што се пликови, разгледници, налепници, моливи, пенкала и восок за запечатување и да напишат писмо до себе или до некој друг, кое ќе биде испратено во иднина. Запечатените пликови потоа се ставаат во отвор за секој ден од годината; вие едноставно го избирате датумот кога сакате да биде испратено вашето писмо, а персоналот на „Café Pli“ ќе се погрижи за останатото.


Чувањето на писмото до една година чини 15 евра, а во цената се вклучени пијалакот и целиот употребен прибор за пишување. Доколку сакате писмото да се чува пет години цената се зголемува на 25 евра, а за 45 евра испраќањето се одложува за дури 20 години. Во случај кафулето да престане со работа, тие гарантираат дека сите писма ќе бидат зачувани и уредно испратени од страна на одговорно лице. Исто така за дополнителни 10 евра може да се побара промена на адреса. За меѓународна поштарина се плаќа 4 евра што важи за сите земји надвор од Франција, без оглед на континентот.


Кафулето воедно е и уметнички центар и редовно организира работилници за креативно пишување и калиграфија, линорез и акварел.


„Напишете писмо до вашето идно јас. Доверете се себеси со отворено срце, охрабрете се, посакајте си одредени успеси или опишете некој спомен … Можете исто така да му пишете на некој близок за некој важен иден датум – изненадете го на точно одреден ден со писмо напишано специјално за него“, велат сопствениците на „Café Pli“, додавајќи:


„Искуството со пишување е уникатно, носталгично и инспиративно во исто време. Можете исто така да го искористите нашиот фото агол и да вметнете фотографија во пликото како спомен. Имаме ограничен број достапни маси без резервации. Сепак, препорачуваме да резервирате однапред, особено за време на викендите и празниците“.