Изненадувачка причина за висок крвен притисок: Не е поврзана со стрес, исхрана или телесна тежина

Точка

16/01/2026

11:22

1.278

Големина на фонт

а а а

Латералниот парафацијален регион е нервен сноп во мозочното стебло што ги контролира автоматските функции како варење, дишење и срцевиот ритам.

Овој регион се активира и кога лицето се смее, вежба или кашла, предизвикувајќи присилно издишување воздух што ги произведува моовие звуци.

Меѓутоа, истражувачите од Нов Зеланд сега тврдат дека откриле како активацијата на овој регион може да ги покрене и нервите кои предизвикуваат стеснување на крвните садови, што може да доведе до зголемување на крвниот притисок и да предизвика хронична состојба позната како хипертензија, пишува Дејли Мејл.

Во лабораториски услови, истражувачите ги активирале и инхибирале нервите во овој регион, истовремено следејќи го крвниот притисок. Утврдиле дека крвниот притисок расте кога латералниот парафацијален регион е активен, а опаѓа кога ќе се сузбие неговата активност.


„Откривме нов регион во мозокот што предизвикува висок крвен притисок. Да, мозокот е виновен за хипертензија. Откривме дека во услови на покачен крвен притисок се активира парафацијалниот регион, а кога нашиот тим го деактивирал овој регион, крвниот притисок се вратил на нормално ниво“, изјавил д-р Џулиан Пејтон, физиолог кој го предводел истражувањето.

Студијата била спроведена на стаорци, а истражувачите ќе мора да пронајдат начин да го испитаат овој регион и кај луѓето за да ги потврдат своите наоди.

Не е јасно колкав процент од случаите на зголемен крвен притисок може да бидат предизвикани од овој механизам. Досегашните истражувања укажуваат дека факторите на животен стил, како исхрана богата со сол, стресот, дебелината и консумацијата на алкохол се клучни причини за покачен крвен притисок.


Сепак, сè поголем број истражувања сугерираат дека оваа состојба би можела да биде поврзана со мозокот, кој испраќа сигнали до остатокот од телото за да го приспособи срцевиот ритам и ширината на крвните садови, а со тоа и крвниот притисок.

Истражувачите наведуваат дека нивните наоди би можеле да помогнат во развој на нови терапии за висок крвен притисок кои би биле насочени кон смирување на нервите во мозокот што можат да ја предизвикаат оваа состојба.