Ако реката Финке еден ден пресуши, второто место по старост би можела да го преземе реката Њу Ривер, стара околу 300 милиони години.
Реките имаат свој животен циклус, како и другите природни појави. Многу од нив настануваат, се вивнуваат низ пејзажот и оставаат траги, за на крај да пресушат. Сепак, некои реки траат значително подолго од други. Се наметнува прашањето: која река денес е најстарата во светот?
Одговорот нè води во време пред диносаурусите. Станува збор за реката Финке во Австралија, позната и како Ларапинта на јазикот на домородниот народ Арернте, чија старост се проценува на меѓу 300 и 400 милиони години.
Овој систем од водотеци и канали се протега на повеќе од 640 километри низ Северната Територија и Јужна Австралија. Поради исклучително сувите услови во внатрешноста на континентот, реката тече само повремено. Поголемиот дел од годината постои како низа изолирани вдлабнатини исполнети со вода. Сепак, комбинацијата од геолошки записи, профили на трошење и мерења на радионуклиди во околните седименти и карпи им овозможила на научниците овој речен систем да го сместат во девон, период стар меѓу 419 и 359 милиони години, или во карбон, кој траел од 359 до 299 милиони години.

Еден од најсилните докази за нејзината древна старост е геолошката аномалија позната како попречна дренажа, објаснува Виктор Бејкер, геоморфолог од Универзитетот во Аризона. Наместо да тече паралелно со отпорните карпи, како кварцитот, реката Финке ги сече овие исклучително цврсти формации додека минува низ планинскиот масив Макдонел во централна Австралија.
Водата секогаш го избира најлесниот пат, па на прв поглед изгледа нелогично реката да минува низ тврди карпи наместо да ги заобиколи. Токму затоа, постоењето и потеклото на оваа попречна дренажа откриваат клучни детали за историскиот тек на реката Финке.
Постојат индиции дека речниот тек постоел и пред да се издигне планинскиот венец, изјави Бејкер за „Live Science“. Овој феномен се нарекува антецеденција. Во суштина, реката постои пред настанувањето на планините и, додека Земјината кора се издигнува, реката се врежува надолу.

Планините Макдонел, кои народот Арернте ги нарекува Тјоритја, настанале за време на т.н. орогенеза Алис Спрингс – тектонски процес на создавање планини што се одвивал пред меѓу 300 и 400 милиони години. Тоа значи дека реката Финке е стара најмалку колку и самите планини.
Дополнителни докази доаѓаат од процесите на ерозија и трошење, кои оставаат специфични хемиски траги. Овие податоци укажуваат како и каде површината низ времето била во контакт со атмосферата и протокот на вода. Со користење на радиоактивните потписи на одредени изотопи, односно варијанти на елементи со различен број неутрони, научниците можат да ја проценат староста на карпите. Бидејќи радиоактивните изотопи се распаѓаат со постојана брзина, можно е да се пресмета кога карпите настанале преку анализа на односите меѓу нив. Сите овие податоци заедно овозможуваат реконструкција на историјата и развојот на реката Финке.
Сепак, реките се системи во постојана промена. Некои од година во година растат, додека други целосно исчезнуваат. Зошто, тогаш, системот Финке опстанал толку долго?

Реките можат да исчезнат ако бидат затрупани со големи количини седимент, како за време на вулкански ерупции, или ако релјефот толку се промени што водата ќе најде нов пат – на пример, за време на напредувањето и повлекувањето на глечерите, објаснува Елен Вол, геолог од Државниот универзитет Колорадо.
Покрај тоа, реките можат да пресушат поради климатски промени или поради интензивно користење на водата од страна на луѓето. На долговечноста ѝ влијаат тектонската стабилност и отсуството на глацијации за време на плеистоценот – период кој траел од пред околу 2,6 милиони до пред 11.700 години.
Во случајот на реката Финке, Австралија претставува исклучително стабилен континент веќе многу долго време. Сместена во средиштето на Австралиската плоча, оваа област речиси и немала значајни тектонски активности во последните неколку стотици милиони години. Поради тоа, системот на реката Финке можел да се развива и да се шири речиси непрекинато низ поголемиот дел од својата историја.

Што се однесува до иднината, тешко е да се процени колку долго Финке ќе опстои. Речните мрежи што траеле долго веројатно ќе продолжат да постојат, смета Вол, но додава дека многу реки во суви подрачја, како Финке, се силно изменети од човечкото користење на водата.
Според нејзините зборови, таквиот притисок најверојатно ќе се зголемува како што расте глобалната потрошувачка на вода, а климатското затоплување ги прави сувите подрачја уште посуви.
Ако реката Финке еден ден пресуши, второто место по старост би можела да го преземе реката Њу Ривер, стара околу 300 милиони години, која денес тече низ сојузните држави Вирџинија, Западна Вирџинија и Северна Каролина.
















