Успехот во Венецуела го „занесе“ Трамп: Што сега планира во Иран?

Точка

13/01/2026

21:40

898

Големина на фонт

а а а

Со тоа што вети дека ќе им помогне на демонстрантите во Иран, американскиот претседател Трамп самиот се ставил под притисок.

Го предупредуваат дури и членови на неговата сопствена партија. Дали ќе ги послуша?, пишува Дојче Веле.

Среде ноќта, на 2 јануари во 2:58 часот наутро по вашингтонско време, претседателот на САД Доналд Трамп самиот се доведе во тешка позиција. Ако бидат убиени мирни демонстранти, напиша Трамп на својата платформа „TruthSocial‘, САД ќе им притрчаат во помош на Иранците: „Подготвени сме“.


Сега, откако веќе биле убиени неколку стотици демонстранти, Линдзи Греам јасно ги изразил своите намери на американската мрежа „Фокс“. Тој републикански сенатор е близок соработник на претседателот – а погледот го насочил кон врховниот лидер на Иран, ајатолахот Али Хаменеи: „Тој е модерниот Хитлер, религиозен нацист, ужасен човек“, изјавил Греам.

„Време е да се повлече“, рекол Греам. „Луѓето сакаат да си оди. Да бев на ваше место, господине претседателе, ќе го убиев тоа раководство што ликвидира луѓе. Мора да ставите крај на тоа!“, додал тој.

Трамп разгледува различни опции

Меѓутоа демократскиот сенатор Марк Ворнер е збунет: „За нешто помалку од една година, претседателот Трамп ја употреби американската војска за да ги нападне Сирија, Ирак, Иран, Јемен, Нигерија и Венецуела. Сега им се заканува на Колумбија, Гренланд и на други земји, рекол сенаторот и додал: „Не сум сигурен дека Американците го избраа Доналд Трамп за претседател за Америка да може да игра полицаец низ целиот свет“.


Успехот на операцијата на американските командоси во Венецуела го „опијани“ Трамп. И пред тоа, очигледно, кај себе развил страст за воени удари – за операции што се едноставни и без ризик, но создаваат импресивни слики. Веројатно му се допаѓа да изгледа како човек што дејствува одлучно и храбро, пишува ДВ.

Но Иран е поинаков – многу поинаков, предупредил сопартиецот на Трамп, сенаторот Ренд Пол, за Еј-Би-Си: „Единствениот проблем што го имам со тоа ’О, сега ќе го бомбардираме Иран‘, е што тоа понекогаш има спротивен ефект. Луѓето тогаш се обединуваат околу своето знаме и тоа го гледаат како напад од странска сила“.


Тоа мислење го дели и колегата на Пол од редовите на демократите, сенаторот Тим Кејн. Воена акција би била „огромна грешка“, изјавил Кејн за Си-Би-Ес: „Треба да го задржиме притисокот преку санкции што помогна во Сирија и што укажува на престапите на режимот“, додал тој.

Американска воена интервенција само би го разгорела болното сеќавање на соборувањето на иранскиот лидер Мохамед Мосадек од страна на САД во педесеттите години на 20 век и би му овозможила на режимот за своите неуспеси да ги обвинува Соединетите Држави.

Дали Трамп ги слуша предупредувањата?

Како да го чул сенаторот, Трамп во вторник навечер воведе и царини: 25 отсто за секоја земја што сè уште соработува со Иран, а истовремено извезува стока во САД.

Притоа, Белата куќа во повеќе наврати ја истакнала својата посветеност на дипломатијата. На крајот на краиштата и Иранците сигнализирале дека сакаат да разговараат.


Сосема е можно Трамп инстинктивно да чувствува дека распоредувањето на војската за помош на иранските демонстранти е нешто што е полесно да се каже отколку да се направи – затоа што тоа би било комплицирано, би можело да тргне наопаку и да има несакани последици.

Меѓутоа, исто така е можно и претседателот на крајот да ги игнорира сите овие предупредувања.