МФ: Силна доверба од меѓународните инвеститори- успешно реализирано издавањето на 10-тата Еврообврзница

Макфакс

13/01/2026

19:21

154

Големина на фонт

а а а

Министерството за финасии успешно ја реализираше аукцијата за издавање на 10-тата Еврообврзница.

„Министерството одлучи да издаде еврообврзница со две транши од по 500 милиони евра – со рок од 4 години и со рок од 8 години. Фактот дека Министерството успеа да пласира осумгодишна обврзница дополнително говори за довербата во реформските планови на Министерството за финансии и Владата, имајќи предвид дека последен пат вакво доспевање беше постигнато пред повеќе од дваесет години.

Само еден час по објавувањето на почетните каматни стапки, побарувачката од инвеститорите достигна импресивни две милијарди евра, со диверзифицирана база на инвеститори ширум светот, вклучувајќи еминентни институционални инвеститори од Германија, САД и Велика Британија“, соопшти Министерството за финасии.

„Пред отворањето на американскиот пазар, книгата на инвеститори достигна дури три милијарди евра, а по неговото отворање максималната понуда надмина четири милијари евра, што претставува исклучителен показател за силната доверба во економските политики и стабилноста на земјата.

Повеќе од 150 глобални инвеститори изразија интерес да ја поддржат државата во овој проект, што претставува дополнителен квантитативен доказ во прилог на фискалната стратегија на Министерството за финансии.

Во случајот на двете транши, каматата е најблиска во однос на референтната вредност на Еурибор, споредувајќи ги сите издавања на обврзници во последните дваесет години.

Каматните стапки за двете транши изнесуваат: 3,875 % за траншата со рок на достасување од 4 години и 4,750% за траншата со рок на достасување од 8 години.

Со изборот на стратешкиот моментот на издавање, како и со структурата на задолжувањето, беше постигнато значително намалување на приносите – конкурентно во однос на земјите со инвестициски кредитен рејтинг (околу 0,5% во споредба со просекот од 0,25%). Тоа дополнително се потврдува со фактот за големата побарувачка од страна на најеминентните меѓународни инвеститори.

Излезот на меѓународниот пазар има стратешки карактер, имајќи ги предвид потенцијалните турбуленции во доменот на геополитиката и макроекономската неизвесност на глобално ниво.

Министерството за финансии останува посветено на транспарентност и стабилност, со цел обезбедување најповолни услови за финансирање и зајакнување на позицијата на земјата на меѓународните финансиски пазари.

Во насока на одговорно и стратешко управување со јавните финансии, Министерството за финансии во последниот квартал од 2025 година интензивно работеше на анализа на пазарните услови со цел да го определи најсоодветниот момент за стратешки излез на меѓународниот пазар на капитал на почетокот од 2026 година.

Како дел од овие активности, тимот на Министерството за финансии во ноември реализираше посета на Лондон , каде што во организација на водечки инвестициски банки ја претстави земјата пред повеќе од 40 инвеститори.

Во периодот од 11 до 12 јануари 2026 година, Министерството оствари средби со повеќе од 60 глобални инвеститори, меѓу кои најголемите пензиски фондови и осигурителни компании од САД, како и инвестициски фондови од целата Европска унија. Bank of America имаше водечка улога во координацијата на процесот на издавање на обврзницата.

Со оваа Еврообврзница, планирана во Буџетот за 2026 година ќе се изврши исплата на Еврообрзницата издадена во 2020 година во износ од 700 милиони евра и се обезбедуваат средства за буџетскиот дефицит којшто е насочен кон реализација на развојните проекти.

Издавањето на Еврообврзницата е согласно напорите на Министерството за финансии за адекватно управување со јавниот долг и да се одржи стабилноста на јавните финансии на среден и долг рок.

Државата стана прва земја во регионот и прва земја надвор од Европската унија која излегува на меѓународниот пазар на капитал, што сведочи за довербата во напорите на Министерството за финансии, особено имајќи го предвид износот на задолжувањето“, се наведува во соопштението на Министерството за финасии.