Лекари од Лондон велат дека постигнале нешто што досега се сметаше за невозможно – враќање на видот и спречување слепило кај луѓе со ретко, но опасно очно заболување наречено хипотонија.
Болницата „Moorfields“ во Лондон ја отвори првата специјализирана клиника за оваа состојба, а пилот-студија покажува дека седум од осум пациенти позитивно реагирале на новиот третман.
Една од нив е 47-годишната Ники Гај, првата пациентка која ја примила оваа терапија. Таа вели дека резултатите се неверојатни: „Ми го промени животот. Можам да гледам како ми расте детето. Од броење прсти преминав на вистинско гледање.“

Денес може да прочита поголем дел од редовите на офталмолошката табла, само една линија под законскиот минимум за возење, што претставува огромен напредок во однос на претходната состојба, кога била делумно слепа и се потпирала на меморија при движењето.
Кај хипотонијата, притисокот во окото станува премногу низок, поради што очната јаболка се „урушува“. Тоа може да настане по повреда, воспаление, операција или како несакан ефект од лекови, а без третман може да доведе до слепило.

Претходните третмани вклучувале стероиди и силиконско масло, но тие на долг рок можат да бидат токсични и не доведуваат до значително враќање на видот.
Лекарите од „Moorfields“ решиле да пробаат поинаков пристап, користејќи проѕирен, воден гел – хидроксипропил метилцелулоза (HPMC), кој веќе се користи во некои очни операции. Наместо еднократна примена, гелот се инјектира директно во окото како редовна терапија.

Ники имала проблеми со видот уште од 2017 година, по раѓањето на својот син. Десното око речиси ѝ колабирало, а подоцна истото почнало да ѝ се случува и со левото око. Таа одбила да се откаже и заедно со докторот Хари Петрушкин се одлучила за новиот, ризичен пристап.
„Беше застрашувачки да се проба нешто сосема ново, но се покажа дека успеа“, вели Петрушкин. Тој додава дека овој третман би можел да им помогне на стотици или илјадници луѓе годишно, под услов сè уште да имаат функционални клетки за вид.

Досега се лекувани 35 пациенти, а резултатите од првите осум се објавени во „British Journal of Ophthalmology“. Терапијата се дава на секои три до четири недели, во период од околу десет месеци.
Истражувачите нагласуваат дека резултатите се многу охрабрувачки, но дека сè уште станува збор за рана фаза од истражувањето.









