Ако погледнете еден паркинг пред зграда или трговски центар, една работа веднаш ќе ви падне во очи. Ќе забележите дека најголемиот дел од автомобилите се бели, сиви или сребрени.
Иако денес изборот на бои за автомобили е поголем од кога било, впечатливите нијанси ретко се среќаваат на улиците. Според експертите од сообраќајната полиција, ова не е прашање на мода, туку резултат на рационална одлука при купување на возило.
Бела боја – избор на практични возачи
Во пракса, белите автомобили имаат низа предности. Светол автомобил е подобро видлив во сообраќајот, особено во темница и при лоши временски услови, што директно влијае на безбедноста.

Во текот на летото, белата каросерија се загрева значително помалку на сонце, па внатрешноста на возилото подолго останува пријатна. Тоа значи помала потреба за клима и поголем комфор при возење. Постои и логичен финансиски аспект бидејќи за белата боја на каросеријата најчесто не се доплаќа, додека од друга страна таквите автомобили полесно и побрзо се продаваат. Мали оштетувања, гребнатини и траги од камчиња на белата подлога се помалку видливи отколку на темни бои.
Зошто црните автомобили се уште статусен симбол?
Црните автомобили често се бираат поради имиџот, а не поради практичноста. Оваа боја се поврзува со сериозност, деловен стил и авторитет. Црното возило изгледа масивно и елегантно, па често се бира од страна на оние кои сакаат да остават силен прв впечаток.

Сепак, црната каросерија има и свои недостатоци. Побрзо се загрева на сонце, а прашината, гребнатините и трагите по миење се многу повидливи. Одржувањето бара повеќе време и почести посети на перење, што долгорочно може да биде напорно.
Сива и сребрена – златна средина
Сивата и сребрената боја веќе со години се сметаат за најуниверзален избор. На нив најмалку се забележуваат нечистотија и мали оштетувања, што е особено важно на патишта кои не се во идеална состојба или во региони со променливо време.
Овие нијанси се отпорни на визуелно стареење, помалку избледуваат на сонце и полесно се поправаат во случај на мали оштетувања на лакот. Токму затоа многу возачи ги сметаат за најпрактично решение при изборот на боја на автомобилот.

На крај, изборот на боја на автомобилот не е само прашање на вкус. Сè почесто тоа е промислена одлука која комбинира безбедност, комфор, трошоци за одржување и идната вредност на возилото. Затоа не е изненадување што денешните паркинзи се преплавени со светли и неутрални нијанси.











