Германскиот производител на автомобили „BMW“ вчера, 10 јануари, објави дека во изминатата година испорачал 2,46 милиони возила, што претставува минимален раст од 0,5 отсто во однос на претходната година, остварен и покрај падот во четвртиот квартал од 2025 година.
Главен потпор за растот биле европскиот и американскиот пазар, како и подружницата „Mini“, додека продажбата во Кина продолжила да опаѓа, пренесува „Wirtschaftswoche“.
Во Европа, „BMW“ испорачал 1,02 милиони автомобили, што е зголемување од 7,3 отсто, додека во Соединетите Американски Држави испораките пораснале за пет отсто, на 417.638 возила.

Спротивно на тоа, во Кина бројот на продадени автомобили паднал за 12,5 отсто, на 625.527 единици, што и понатаму негативно влијае врз вкупните резултати на компанијата.
„Mini“ забележал значаен раст од 17,7 отсто со 288.290 продадени возила, додека продажбата на главниот бренд „BMW“ благо се намалила за 1,4 отсто, на 2,17 милиони возила. Подружницата „Rolls-Royce“ ја задржала продажбата на стабилни 5.664 возила.

„BMW“ не ги префрлил дополнителните трошоци од американските царини врз купувачите, благодарение на големиот производствен погон во американскиот „Spartanburg“, кој покрива околу половина од продажбата во Соединетите Американски Држави, што позитивно се одразило врз продажбата.
Според тековните резултати, „BMW“ најверојатно е лидер меѓу германските производители на премиум возила по раст на продажбата во 2025 година, додека од конкурентските компании „Mercedes“ и „Audi“ се очекуваат послаби резултати, бидејќи двата производители во првите девет месеци забележале пад, пренесува „Tanjug“.








