[ФОТО/ВИДЕО] ТикТок предизвика „навалица“ во библиотека во Прага: Поради скулптурата од 8.000 книги туристите чекаат во редица и до 2 часа

Точка

09/01/2026

19:46

703

Големина на фонт

а а а

Прага одамна е туристички центар благодарение на барокната архитектура и културната историја, но нејзината понова знаменитост – скулптура изработена од илјадници книги, која се прославила на ТикТок – ги изненадила функционерите во чешката престолнина.

„Idiom“, дело на словачкиот уметник Матеј Крен, е цилиндрична кула од 8.000 книги, со влез во форма на солза и огледала на врвот и на дното, кои создаваат впечаток на бесконечен тунел. Градската библиотека го поставила во фоајето во 1998 година, каде што делото мирно стоело до пред три години, кога одеднаш станало хит на социјалните мрежи.


„Го најдов на социјалните мрежи и сакав да го фотографирам“, изјавил тајландскиот турист Патапол Тонгсаард, откако за време на една студена вечер чекал еден час во редица со уште 100 други туристи, делумно и на улица.


Тој се фотографирал како ѕирка во купот книги, а потоа позирал покрај него со пријателите за уште една фотографија што како што рекол ќе ја објави на ТикТок и Инстаграм.

„Бизарна“ манија и редици до два часа

Портпаролката на библиотеката Ленка Ханзликова за АФП изјавила дека „Idiom“ во периодот околу Божиќ и Велигден привлекува околу 1.000 туристи дневно, кои благодарение на „алгоритмите на ТикТок“ што ја прославиле скулптурата кон крајот на 2022 година, стојат во редици и до два часа.


„Ќе мораме на некој начин да се справиме со тоа, бидејќи работењето со толпи туристи е сосема поинаква услуга од онаа што досега ја нудевме“, изјавила таа. „Повеќето читатели се смеат на тоа и велат дека е бизарно, но имаме и луѓе кои сакаа да вратат книги, па за да влезат морале да застанат во редица“, додала Ханзликова.

Библиотеката размислува за наплата и организација на влезот

Библиотеката еден од своите пет влеза го наменила за туристи, а размислува и за наплата на влезот и вработување кустос за да ги организира големите групи луѓе. Крен за АФП изјавил дека „Idiom“, кој ја симболизира бесконечноста на учењето, го изложувал во неколку градови ширум светот пред да ѝ го продаде на библиотеката.


Скулптурата се појавила и на насловната страница на списанието „Science“ и во водичите на „Lonely Planet“, но сегашната манија е „необична“, рекол тој за АФП. „Мислев дека ќе падне во заборав, не беше дизајнирана за ваква масовна презентација. Немав намера да создадам туристичка атракција“, истакнал тој.


Впечатоци на посетителите: убаво, но (не)вредно за чекање

Газал Нур, Иранка која живее во Италија, делото го опишала како „прекрасно“ откако повеќе од половина час стоела во редица, но додала дека смета оти интересот е претеран.


„Беше многу интересно, но не вреди да се стои во редица и да се трпи студот низ кој поминавме“, изјавила таа за АФП.