Прилично е тоа „див“ крај. Тука природата ја има главната улога, модерните патишта и градби се оддалечени километри, стариот бетон го прегрнал бршлен и го нагризала патината на времето.
Целиот предел има статус на биосферен резерват и можеби никој повеќе не би се сеќавал дека некогаш тука постоело село со 700 жители доколку неколку ентузијасти не одлучеле да го зачуваат споменот на него.
Селото Груорн во германската покраина Баден-Виртемберг официјално не постои: укинато е во 1939 година, до него може да се стигне само пеш, а неговите жители се раселени низ Германија. Но 85 години подоцна, има своја веб-страница, го посетуваат излетници и привлекува љубители кои се собираат во последните две сочувани градби. Ова е приказна за селото кое одбива да „умре“ и што стана неочекувана туристичка атракција на Германија!
Непостоечкото село-призрак има своја официјална веб-страница
На официјалната веб-страница на Груорн ќе ве пречека пораката: „Селото живее понатаму“. На прв поглед тоа звучи невозможно: како може село напуштено уште во 1939 да има веб-страница, да „живее понатаму“ и да има водени тури и годишни собири? Може, затоа што никогаш не „умрело“ во срцата на оние што морале да го напуштат, пишува Робин Хартман на порталот „Travelbook“.
Приказната за крајот на Груорн започнува во средината на триесеттите години од минатиот век, кога низ селото се проширила гласина што набрзо ќе се претвори во немилосрдна реалност. Германската војска планирала проширување на воениот полигон Минзинген, основан уште во 1885 година, а тоа значело дека околу 700 жители на Груорн мора да ги напуштат своите домови.

Селото било испразнето поради проширување на воениот полигон
Селото, чиј прв писмен траг се споменува далечната 1254 година, ја добило својата пресуда на 15 февруари 1937 година. На жителите им биле дадени две години да пронајдат нов дом. Молбите, протестите и очајничките обиди да останат не дале резултат.

Државата им понудила преселување на една од 600 фарми ширум Германија, а дури им обезбедиле и превоз до новите домови. Нивните земјишта биле откупени за „кикиритки“, отприлика половина од тогашната реална вредност. Но жителите немале избор. До 1939 година селото Груорн било испразнето.
Од безбедносни причини кон крајот на седумдесеттите речиси сите куќи биле срушени
По Втората светска војна се чинело дека историјата би можела да се сврти во друга насока. Бегалците биле привремено сместени во сè уште сочуваните куќи, а на некои од поранешните жители им било дозволено да се вратат. Но селото веќе било премногу рането. Повеќе од 180 куќи пропаѓале, а воените маневри за време на педесеттите дополнително го разорувале.

Кон крајот на 1970-тите, поради безбедносни причини, речиси сите градби биле срушени. Останале само две: старата училишна зграда и црквата „Св. Стефан“. Но токму тука започнува пркосната втора половина од приказната.
Преживеале црквата и училиштето, а потоа се разбудил пркосот на старите жители и нивните потомци
Кон крајот на шеесеттите, во 1968 година, бил формиран Одбор за зачувување на црквата во Груорн. Секоја година на Духовден меѓу урнатините се собирале и по илјада луѓе. Поранешните жители, нивните потомци, историчари и конзерватори одлучиле дека црквата мора да продолжи да живее. Собрале донации и црквата била обновена до 1973 година. И до ден-денес во неа секоја година се одржуваат миси!

Со затворањето на воениот полигон Минзинген во 2006 година, Груорн добило нова шанса. Околу селото се отвориле повеќе од 50 километри пешачки и велосипедски патеки. Автомобилите немаат пристап овде, па селото Груорн е достапно само пеш, по патека долга околу два километра што води низ недопрената природа.
Водени тури, миси... селото кое требало да исчезне живее нов живот
Иако Груорн не е „мртов“, времето остава трага. Црквата повторно има потреба од обнова, проценета на околу еден милион евра. Се размислува и за организирање поголеми концерти на отворено, на некогашниот селски плоштад, наведува „Travelbook“.
Старата училишна зграда денес е ресторан и мал музеј, кои се отворени од Велигден до Празникот на Сите Светци. Се одржуваат водени обиколки, концерти и културни настани. Селото кое требало да исчезне стана тивка, но силна туристичка атракција. Селото кое „не постои“ на Духовден и на Празникот на Сите Светци е полно со луѓе и живот и повторно докажува дека селото живее сè додека некој се сеќава на него!














