Одморот влијае на телото и психата побрзо и посилно отколку што досега се мислеше.
Но, колку често и колку долго треба да патуваме за да почувствуваме реални здравствени придобивки?
За многумина, најомилениот збор во календарот без сомнение е – одмор.
Пакувањето куфери и едноставното заминување звучи примамливо, а позитивните ефекти од патувањата врз здравјето се познати со децении.
Новото истражување објавено во „Journal of Applied Psychology“ покажува дека придобивките од одморот за менталното и физичкото здравје се појавуваат побрзо отколку што претходно се претпоставуваше.

Клучното прашање гласи: колку често и колку долго треба да патуваме за навистина да имаме корист?
Истражувањата покажуваат дека лицата кои девет години по ред барем еднаш годишно оделе на одмор имаат дури 20 отсто подолг очекуван животен век.
Исто така, кај истите испитаници е забележан 30 отсто помал ризик од смрт предизвикана од срцеви заболувања.
Едноставната формула – еден годишен одмор годишно – носи и низа други позитивни ефекти. Го намалува крвниот притисок и нивото на шеќер во крвта, како и помага во одржување на рамнотежата на холестеролот и триглицеридите.
Занемарувањето на овие фактори може да доведе до сериозни кардиоваскуларни проблеми.

Според истражувањата на професорот по јавно здравје Брукс Б. Гамп од „Syracuse University“ и неговите соработници, лицата кои редовно патуваат можат да го намалат ризикот од метаболички синдром за дури 25 отсто.
Метаболичкиот синдром опфаќа група ризични фактори поврзани со срцеви заболувања, мозочен удар и дијабетес тип 2.
Иако седум дена одмор се сметаат за идеални, научниците нагласуваат дека и пократок бег од секојдневието носи видливи здравствени придобивки.
Истражувањата покажуваат дека луѓето кои ја менуваат рутината – макар и на неколку дена – поретко се чувствуваат исцрпено, под стрес или депресивно во споредба со оние кои ретко користат годишен одмор.

„Одморот обезбедува заштита од хроничен стрес и воспалителни процеси во телото, а и двете на долг рок можат да предизвикаат сериозна штета“, истакна Гамп во изјава за „Washington Post“.
Без разлика дали станува збор за подолго патување или краток бег од секојдневието, одморот не е луксуз, туку важна инвестиција во здравјето.
Редовното земање слободно време може да го подобри квалитетот на животот, да го намали ризикот од хронични болести и на долг рок – да го продолжи животот.









