[ФОТО] Европа го добива најголемиот и најстрашниот тематски парк со повеќе од 40 застрашувачки атракции: Се очекува да стане новото туристичко чудо на континентот

Точка

05/01/2026

17:17

943

Големина на фонт

а а а

На југоистокот на Европа се развива амбициозен проект кој треба да стане ново туристичко чудо: еве како е замислен „Дракула Ленд“ и што сè ќе вклучува!

Титулата за најголем тематски парк во Европа ја држи германскиот „Europa Park“, со повеќе од 100 атракции и 15 тематски области. Меѓу најголемите на континентот се вбројуваат и Дизниленд во Париз, Гардаленд во Италија, како и „PortAventura Park“ во Шпанија. Но сега е во подготовка проект кој значително ќе ја промени оваа листа. Во Романија, во близина на Букурешт, се подготвува изградба на амбициозен проект кој ќе ги засени сите претходно набројани: тематскиот парк „Дракула Ленд“ ќе биде најголемиот во Европа, а поради својата тематика и најстрашен.

Дракула е дел од романскиот идентитет, и се чини дека тоа на Романците не им пречи

Тешко е да се спомене Романија, а да не се помисли на Дракула. И се чини дека на Романците тоа не им пречи! Иако станува збор за книжевен мит кој Брам Стокер го направи бесмртен, сенката на овој лик веќе со векови лебди над земјата и привлекува огромен број туристи.


Инспирацијата бил вистинскиот влашки владетел Влад III, познат како Влад Цепеш, историска фигура чиј начин на владеење бил толку суров што прераснал во легенда. Тоа мешање на историја, страв и фикција и денес привлекува патници од целиот свет, а сега оваа земја оди чекор понатаму – и тоа прилично амбициозно.

Во проектот „Дракула Ленд“ веќе се вложени милијарда евра, а отворањето е планирано за 2027

Во близина на Букурешт се планира изградба на мега-тематски парк наречен „Дракула Ленд“, кој, според пишувањата на порталот „Travelbook“, би можел да стане најголемиот, но и најстрашниот тематски парк во Европа. На речиси 780 илјади квадратни метри, недалеку од аеродромот и романската метропола, никнува свет посветен на вампирите, темнината и легендата за Дракула. Зад проектот стои приватен инвеститор кој веќе вложил повеќе од милијарда евра, а планираното отворање е закажано за 2027 година.


Шест тематски целини, секоја посветена за митот на вампирите

Според достапните информации и податоците од официјалната страница на проектот, „Дракула Ленд“ ќе биде поделен на шест тематски целини, при што секоја на свој начин ја реинтерпретира митологијата за вампирите. Посетителите ќе можат да ги искусат возовите на смртта со приказната за Дракула, реплика на замокот Бран, често поврзуван со легендарниот гроф, како и сцени од Карпатите кои ветуваат застрашувачка атмосфера. Повеќе од 40 атракции ќе ги водат гостите низ светови инспирирани и од градови како Лондон и Њу Орлеанс, каде вампирската митологија исто така е длабоко вкоренета.


Продавници, концертна сала, хотели, стартап инкубатор

Но, ова нема да биде само забавен парк. Во рамките на комплексот се планира и луксузен аутлет за мода и уредување на домот, како и голема мултифункционална арена за концерти и настани со капацитет поголем од 22.500 посетители.


Приказната тука не застанува. Покрај паркот, ќе се градат дури три хотелски комплекси – „Дракула Гранд Хотел“, „Дракула Фемили Хотел“ и „Дракула Ин“, како и голем спа и термален центар. Планиран е и воден парк со повеќе од 30 водени атракции, како и тркачка патека долга 4,5 километри која ќе ги поврзува хотелите, паркот и аутлет зоната. Посебен додаток на проектот ќе биде технолошки центар од 15.000 квадратни метри, наменет за стартапи од светот на гејмингот, вештачката интелигенција и креативните индустрии.

Симбол на потенцијалот на Романија

Инвеститорите истакнуваат дека „Дракула Ленд“ не е замислен само како туристичка атракција, туку како симбол на потенцијалот на Романија, проект кој треба да покаже дека земјата може да создаде дестинација од светска класа и долгорочно да го поттикне економскиот развој.

Според информациите што ги наведува „Travelbook“, проектот е во фаза на планирање од 2024 година, а почетокот на изградбата се очекува оваа или најдоцна следната година. Иако многу детали сè уште се обвиткани во вел од тајна, едно е сигурно: ако плановите се остварат, Романија наскоро би можела да добие нов туристички симбол. Зошто Дракула, се чини, сè уште не го кажал својот последен збор.