Новата изведба се потпира на добро познатата механика, но сега со уште поимпресивни перформанси и поагресивен изглед.
„Rezvani“ ги објави првите најави за новата генерација на моделот „Tank“, во пресрет на неговата целосна премиера закажана за јануари идната година. Иако и понатаму изгледа како воен теренец, производителот ветува повеќе сила, подобри способности, понапредна технологија и уште пошироки можности за персонализација.
„Rezvani Tank“ веќе изгради репутација спојувајќи воен изглед со робусна основа од „Jeep“, моќни V8 мотори и ексклузивност дополнително нагласена со високата цена. Сега калифорнискиот производител се враќа со нова генерација, решен сите тие елементи да ги подигне на уште повисоко ниво.
Новиот „Tank“ засега и понатаму е обвиен со тајност. Објавените тизер-фотографии покажуваат дека ја задржува препознатливата силуета, но со редизајнирана каросерија и поизразени, поостри линии.
Според она што може да се види, освежениот „Tank“ добива нови LED предни светла кои ја опкружуваат помасивната маска. Присутен е и силно нагласен, испакнат поклопец на моторот, додека редизајнираните браници се уште помасивни. Рамното ветробранско стакло, LED светлосната лента на кровот и високо поставените задни светла што излегуваат над огромните задни „раменици“ го заокружуваат агресивниот изглед.

Иако „Rezvani“ сè уште нема објавено технички спецификации, многу е веројатно дека новиот „Tank“ ќе ја задржи шасијата изведена од „Jeep Wrangler“. Погонските склопови исто така засега не се потврдени, но се очекува барем еден засилен „Hemi V8“ со повеќе од 1000 коњски сили.
Резервациите веќе се отворени, а со повратен депозит од 500 долари може да се обезбеди ранен производствен термин. Крајната цена сè уште не е позната, но ако се суди според досегашните верзии, нема да биде воопшто поволна.

Првиот „Rezvani Tank“ беше претставен во 2017 година, додека втората генерација пристигна во 2019. Актуелниот модел се нуди со V6 мотор, plug-in хибриден погон и V8 опции, вклучувајќи ги изведбите „Hellcat“ и „Demon“. Купувачите можат да нарачаат и дополнителен оклоп, систем за ноќно гледање, унапредена суспензија, како и луксузни пакети за внатрешноста.
Покрај „Tank“, понудата на „Rezvani“ ги вклучува и роудстерот „Beast“, моделот „RR1“ базиран на „Porsche 911“, пикапот „Hercules“ заснован на „Jeep Gladiator“, „Knight“ базиран на „Lamborghini Urus“, како и „Arsenal“, кој ја користи основата од „Cadillac Escalade“.












