„BMW“ патентираше шрафови што ќе ги направат поправките надвор од овластените сервиси речиси невозможни

Точка

20/12/2025

19:18

696

Големина на фонт

а а а

Во последно време сè почесто слушаме за случаи во кои поправките на автомобилите во независни работилници се многу тешки или целосно невозможни, најчесто поради софтверски ограничувања. Се чини дека „BMW“ има план овие пречки да ги подигне на сосема ново ниво.

Кај електричните автомобили е потребно напредно репрограмирање на заменетите модули, но тоа сè почесто важи и за автомобилите со мотори со внатрешно согорување. Во некои случаи, ова оди до апсурд, каде што дури и замена на кочни плочки бара пристап до овластен сервис кој располага со неопходниот софтвер.


Се чини дека „BMW“ има намера овие пречки дополнително да ги засили со цел да го оневозможи сервисирањето во приватни сервиси. Баварските инженери патентирале шрафови што ќе ги направат поправките надвор од официјалните сервиси речиси невозможни.

Новите шрафови имаат глави изработени така што го реплицираат амблемот на „BMW“, а на нив дури се испишани и буквите „BMW“. Голем проблем е што методот на спојување на одвртувачот или клучот со главата на овој шраф има спротивно подигнати заби кои се вклопуваат во два отвора што ги остава формата на „BMW“ амблемот. Тоа значи дека овие шрафови повеќе нема да можат да се одвртуваат или затегнуваат со обични алати, туку ќе бараат специјални алати.


Производството на овие и на други слични шрафови ќе биде заштитено со права на интелектуална сопственост, загарантирани преку нивно патентирање. Тоа значи дека независните работилници нема да можат едноставно да купат „BMW“ одвртувачи во која било продавница, бидејќи овие алати најверојатно на почетокот ќе бидат ограничени само на овластените сервиси, а подоцна можеби ќе ги продава или лиценцира исклучиво производителот.

„BMW“ јасно наведува дека дизајнот е наменет да ги направи импровизираните интервенции невозможни, со цел да се спречи „неовластена манипулација“ со клучните модули и елементи на идните автомобили.


Секако, патентирањето опфаќа многу варијации во големината на овие шрафови, па дури и во нивната геометрија, заради прецизна адаптација што би овозможила нивна употреба на предвидените места. Сепак, во сите случаи општиот принцип на главата на шрафот ќе остане ист, иако очигледно ќе има повеќе различни големини и дијаметри. Тоа ќе значи дека ќе мора да постојат најмалку 4–5 варијации на „одвртувачи“ што можат да се применат во зависност од големината на шрафот, и, за разлика од класичните одвртувачи, тука не станува збор само за порамнување по средината, туку и за совршено вклопување во дијаметар.


Патентната документација наведува дека новите шрафови се тестирани за правилна работа со момент-клучеви, а новата конструкција исто така овозможува правилна распределба на вртежниот момент. Наводно, „BMW“ споменува дека првично планира да ги користи новите шрафови во внатрешноста, и тоа на електронските модули, мултимедијата и инструмент таблата, како и на носачите на седиштата, каде што при подетален преглед можат да се забележат. Од „BMW“ велат дека на овој начин изгледот ќе укажува и на посветеноста на деталите. Но главниот проблем тука е елиминирањето на пристапот на трети страни.

Домашните поправки ќе станат речиси невозможни, како и поправките во независни работилници, освен ако некој механичар специјализиран за „BMW“ не инсистира да ги купи сите овие сетови алати. Но тогаш ќе ви бидат потребни и нови резервни шрафови. Едноставно, единствената цел е сопствениците на автомобили да бидат насочени кон овластен сервис.