Необичен гастрономски настан во Бангкок, кој го привлекол вниманието на светската јавност, прераснал во неочекувана контроверзија, по што организаторите јавно тврделе дека претрпеле „сериозна неправда“.
Случајот станал тема на расправи на социјалните мрежи и предизвикал бурни реакции, пренесе „Билд“.
„Му честитаме на шампионот“
Ресторанот „Gold Curry Bangkok“, познат по предизвиците кои воопшто не ги штедат стомаците на учесниците, организирал посебен настан – кандидатите морале да изедат осум килограми кари-ориз за најмногу 45 минути.

Во средината на декември, ресторанот на Фејсбук објавил порака: „Му честитаме на шампионот“, со фотографии од победникот – прво со полна, а потоа и со празна чинија.
Германскиот државјанин (37), кој наводно работи како готвач во Лајпциг, успеал да го заврши предизвикот за 40 минути и така освоил 20.000 тајландски бати, што е околу 547 евра.
Што се гледа на снимката?
Меѓутоа, шест дена подоцна, ресторанот повторно се огласил, но овојпат со сосема поинаква порака: „Известете ги сите дека оваа личност мамела“.
Според изнесените тврдења, Германецот не го изел целиот ориз, туку го „скрил во својот ранец“?!
Снимката од надзорната камера (објавена на Фејсбук), наводно, тоа јасно го покажува – мажот со рака ја зема храната, ја става во уста, а потоа повеќепати се врти за да провери дали некој го набљудува. Потоа, полна дланка ориз ја спушта под масата, а потоа раката му е празна.
Posted by Gold Curry Bangkok on Thursday, December 18, 2025
Од ресторанот заклучуваат дека храната не завршувала во неговиот стомак, туку во ранецот.
Инаку според организаторите, слични измами наводно се случувале и во други локали. Не е познато дали е поднесена официјална пријава до полицијата.
Редакцијата на „Билд“ не успеала да стапи во контакт со учесникот во предизвикот, за да му ги предочи обвиненијата и да ја слушне неговата страна од приказната.










