Мицкоски: Лага е дека има договор за мигранти, граѓаните да бидат спокојни

Макфакс

25/12/2025

17:52

140

Големина на фонт

а а а

„Јавноста да биде спокојна. Сè додека е оваа влада, нелегална миграција, легална миграција, како резултат на пропаднати апликации за азил, како резултат на некакви си договори, нема да има. И тоа се гледа“, нагласи премиерот Христијан Мицкоски како одговор на пратеничко прашање во Собранието.

„Многу пати коментиравме во јавноста дека е апсолутна лага и конструкција дека било кога сме разговарале воопшто на оваа тема во процесот за постигнување на договор за стратешко партнерство со Обединетото кралство“, посочи Мицкоски, оценувајќи ја оваа тема како кампања за невистина на опозицијата за растурање на пердуви со цел да се тргне вниманието од внатрепартиските случувања во СДСМ, изборот на новиот состав на нивниот партиски Извршен Одбор.

„Тоа е филозофијата и пи-ар трикот што мислат дека ќе го направат. Мислам дека тоа не е игра на краток рок, туку игра на уназадување. Ако некој пледира да биде сериозна политичка опција, тогаш треба да има и сериозни позиции, а ова не се сериозни позиции, туку политички гимнастики кои немаат апсолутно никаква врска… Еве ќе дојдат и март и април, мигранти ќе нема, ќе дојде и јуни пак ќе нема мигранти, и тогаш што ќе се прави? На следните избори наместо 18, ќе имаат 12 пратеници“, оцени Мицкоски.

Посочи и на празната сала во делот каде што треба да седи опозицијата, во која немаше пратеници, нагласувајќи дека ова е ден, седница за поставување на пратенички прашања, ден кога опозицијата треба да ја прашува владата, а пратениците кои ги чинат граѓаните меѓу две и три илјади евра месечно, пратениците од опозицијата ги нема.

„Ова е сликата на македонската опозиција денеска. Да видат граѓаните кој пледира да биде влада во Македонија“.

Мицкоски рече дека и покрај стравувањето на СДСМ од предвремени избори, како одговорна Влада и мнозинство во Собранието, избори напролет нема да има, бидејќи следната година е полна со предизвици кои треба да се решаваат.

На темата „мигранти“ Мицкоски ја поздрави Резолуцијата донесена во македонското Собрание.

„Со тоа јасно и недвосмислено се става крај на оваа измислена тема мигранти, ги потврдува политиките на владата, а политиките на владата ги потврдија граѓаните на локалните избори коишто се случија пред неколку недели. Оваа влада како ретко која влада од независноста до денес, има обврска да ги штити интересите на граѓаните бидејќи има во историска смисла најголема доверба. И затоа мораме да се однесуваме одговорно колку и да имаме работа со неодговорна опозиција“, рече Мицкоски.

Ја искоментира и претставката пред Уставниот суд за усвоената Резолуција во Собранието поднесена од СДСМ, нарекувајќи го како „чудно“ и невидено во светот, бидејќи не станува збор за закон или подзаконски акт, туку за Резолуција.

„Мислам дека местото не е таму. Местото е тука, во Парламентот. Тука се прави таа дебата, тука се бранат аргументите, тука граѓаните следат, но овие места на опозицијата се празни. И затоа кога утре ќе зборат за интересите на граѓаните, за стандардот на граѓаните, за подобра држава, граѓаните треба само оваа слика да ја видат, денес на пратенички прашања. Ова е сликата на опозицијата во македонското собрание“, одговори премиерот Христијан Мицкоски на прашање за темата за мигранти, притоа посочувајќи на празните места во Собранието а на кои ги немаше пратениците од опозицијата.