Во Германија се шират AI-слики од полицајки, полицијата издаде предупредување

Точка

18/12/2025

21:15

938

Големина на фонт

а а а

Германската полиција издаде предупредување до мажите поради нова интернет-измама која користи лажни фотографии од атрактивни полицајки, создадени со вештачка интелигенција. На социјалните мрежи се појави голем број профили со „deepfake“ слики од жени во полициски униформи, а целта е да се намамат корисниците кон страници со платена содржина.

Сликите генерирани со вештачка интелигенција прикажуваат млади и привлечни жени во тесни полициски одори, често во провокативни пози. На една од фотографиите, русокоса позира со откопчана јакна, додека друга прикажува жена во униформа која наводно некој ја фотографира одзади.

Полицијата од Хамбург, каде што проблемот е најизразен, потврди дека ваквите профили се користат за да ги наведат корисниците, пред сè мажите, да кликнат на линкови што водат кон веб-страници на кои се наплаќа пристап до дополнителни, реалистични AI-слики.


Одлучен одговор на полицијата

Хамбуршката полиција се огласи со официјално соопштение, нагласувајќи ја сериозноста на ситуацијата. „Добиваме сè повеќе пријави за AI-генерирани профили на социјалните мрежи кои наводно прикажуваат колешки од хамбуршката полиција“, стои во соопштението.

Портпаролот Флоријан Абензет додаде: „Ваквите профили му штетат на угледот на полицијата, поради што преземаме решителни мерки против нив.“ Потврдено е дека полицијата не води приватни профили на „Instagram“ за своите службеници и дека веќе се разгледуваат правни чекори против креаторите на лажната содржина. Воедно, корисниците се повикани да ги пријават сите сомнителни профили.


„Deepfake“ како глобална закана

Овој случај е само еден пример за растечката опасност што ја претставува „deepfake“ технологијата. Користењето убедливи, но целосно лажни слики и видеа стана голем ризик за компании, организации и поединци. Претходно оваа година, Меѓународната телекомуникациска унија на Обединетите нации („ITU“) ги повика технолошките компании да користат напредни алатки за откривање дезинформации и „deepfake“ содржини во борбата против финансиските измами. „ITU“ препорача платформите, како што се социјалните мрежи, да воведат алатки за дигитална проверка на автентичноста на содржината пред нејзино објавување.

„Довербата во социјалните медиуми значително опадна бидејќи луѓето не знаат што е вистина, а што лага“, предупреди Билел Жамуси од „ITU“.


Како да се бориме против лажната содржина?

Борбата против „deepfake“ содржините стана огромен предизвик поради брзиот напредок на генеративната вештачка интелигенција, која може да создаде исклучително реалистични материјали. Леонард Розентол од компанијата „Adobe“, која се занимава со овој проблем уште од 2019 година, ја нагласи важноста од утврдување на изворот на дигиталната содржина за корисниците да можат да ја проценат нејзината веродостојност.

„Потребни ни се повеќе места каде што корисниците ја консумираат својата содржина за да ги прикажат овие информации … Кога ги прелистувате вашите ’feed’-ови, сакате да знаете: ’можам ли да ѝ верувам на оваа слика, на ова видео … ‘“, изјави Розентол, истакнувајќи ја потребата од транспарентност.