Архипелагот во северен Атлантски океан којшто со децении се поврзува со митовите за Бермудскиот триаголник, одново се најде во центар на внимание.
Тимот научници открил „огромна геолошка аномалија“ во океанската кора, длабоко под неговата површина, каква досега не е забележана никаде на друго место на Земјата.
Појава која ги збуни геолозите
Истражувањата покажале дека под Бермудскиот архипелаг се наоѓа невообичаен слој на карпа, со дебелина од околу 20 километри, сместена под океанската кора, во внатрешноста на литосферата, што отстапува од вообичаената градба на океанското дно.

Ваквата појава ги збунила геолозите затоа што слојот се наоѓа во внатрешноста на тектонските плочи на кои лежи архипелагот, пишува „LadBible“.
Д-р Вилијам Фрејзер од истражувачката институција „Carnegie Science“, објаснува дека потеклото на овој „дебел геолошки слој“ засега „останува мистерија“. Сепак, научниците веруваат дека би можело да биде позначајно и да придонесе во разбирањето како архипелагот воопшто „испливал“ од океанот.
Неистражени делови од минатото на Земјата
Познато е дека се наоѓа на океанското издигнување, но вулканската активност која довела до негово формирање претставува научна загатка. Последната забележана ерупција се случила пред околу 31 милион години, а постои можност токму тогаш да дошло до значајно издигнување на океанското дно, чија трага е денешната камена аномалија.
„Проучувањето на екстремните места како Бермудите, ни помага подобро да ги разбереме вообичаените процеси на Земјата“, истакнува Фрејзер.
„На тој начин, можеме појасно да разликуваме што е нормално, а што претставува исклучок во геолошката историја на планетата“.

Ова откритие е само едно во низата докази дека под океанот се кријат сѐ уште неистражени делови од Земјиното минато.
Како што напредува истражувањето на океанското дно, научниците веруваат дека слични откритија би можеле целосно да го сменат нашето разбирање на геологијата на планетата.











