По десетгодишна врска, Кристијано Роналдо ја запроси Георгина Родригез со веренички прстен вреден три милиони долари, а 31-годишната манекенка сега во интервју открила што мисли за скапоцениот дијамант.
Аргентинско-шпанската манекенка наскоро ќе се омажи за 40-годишниот португалски фудбалер, а во разговор за шпанскиот „ELLE“ се пошегувала дека таков прстен бил најмалото што можел да направи по толку чекање.
„Најмалку што можеше да ми понуди“
„Прекрасен е. Тоа е најмалку што можеше да ми понуди по десет години чекање. Вистина е, кога ме запроси, тоа ми беше последната работа на умот“, изјавила Георгина. „Ми требаше долго време да го процесирам тој огромен камен што ми го даде. Бев толку шокирана што го оставив во собата и не го отврив на сонце до следниот ден.“
Да потсетиме, славниот фудбалер ја запросил Георгина во август, со што завршија повеќемесечните шпекулации околу веридбата. Веста предизвика големо внимание кога таа го покажа својот неверојатен 30-каратен дијамант.
„Нашите души разговараа“
Парот е во врска од 2016 година и заедно имаат ќерки Алана (7) и двегодишната Бела, чиј брат близнак, Ангел, починал за време на породувањето. Георгина е и маќеа на другите три деца на Кристијано: 15-годишниот Кристијано Роналдо Јуниор и осумгодишните близнаци Ева и Матео, родени преку сурогат мајка.
Говорејќи за нивната долга романса, Георгина открила: „Почувствував поврзаност која го надминуваше физичкото. Беше како нашите души да разговарале една со друга пред нашите очи воопшто да се сретнат. Нешто во мене препозна нешто во него, и од тој момент знаев дека оваа врска е целосно поинаква и единствена.“
Истакнала и дека децата дополнително ги зближиле. „Имаме пет деца, заедно донесовме живот на светот, и тоа нѐ обедини на начин што е тешко да се објасни. Нашата љубов никогаш не престанува да расте; тоа е нешто што се менува, се прилагодува и се зајакнува во секоја фаза. Она што го чувствуваме сега е вистинско и цврсто“, објаснила.
Повеќе од партнерка на славниот фудбалер
Манекенката и бизнис-жената Георгина настојува да изгради свој идентитет надвор од големата слава на својот партнер, а во тоа успеала со трите сезони на својата популарна Нетфликс серија „Јас сум Георгина“. Неодамна, таа ја покренала и својата луксузна агенција за недвижнини, „Bellhatria“.
Со петте деца, постојаните патувања, снимања и бизнис-обврски, Георгина не си дозволува одмор. „Јас сум виор што никогаш не запира. Само затоа што имам помош, не значи дека немам за што да се грижам. Меѓу моето големо семејство, моите професионални проекти или мојата нова компанија, никогаш не сум мирна. Но, сакам толку многу активности, се чувствувам како многу среќна личност“, истакнала.
И покрај глобалната слава, таа тврди дека останала иста. „Мојата суштина останува иста, но имам други можности и искуства кои доаѓаат не само од мојот начин на живот, туку и од возраста. Не се сметам за иста личност сега на 31 година како што бев на 20. Тоа би било чудно“, изјавила „Имам одлично чувство за хумор и прва се смеам на себеси, но мразам шеги за физичкиот изглед или интелектот кои имаат за цел да исмејуваат луѓе.“
Големо семејство и планови за иднината
Георгина не крие дека отсекогаш сонувала за големо семејство и не ја исклучува можноста да има уште деца со Роналдо. „Ова е исполнување на сонот кој го имав уште од детството. Доаѓам од многу мало семејство – само мојата мајка, мојата сестра и јас – така што секогаш знаев дека сакам големо семејство во иднина. Благодарение на Бога, денес го имам“, рекла.
На директното прашање дали размислува за проширување на семејството, таа одговорила: „Многу сум млада, а Бог ќе одлучи што иднината ќе донесе.“
На крај, говорела за важноста на воспитувањето на децата за да останат приземни и покрај огромното богатство. „Иако имаме различни финансиски околности, сепак им ги всадуваме нашите вредности. Тие сведочат за сите напори што ги вложуваме, дека ништо не им е дадено на сребрена чинија, па ги потсетуваме на важноста да бидат борци и, особено, добри луѓе“, нагласила. „Одговорни се и вредно работат во училиште и на своите активности; пред сè, упорни се во своите соништа. Тоа е она што го гледаат дома.“














