Она што го добивате со останување будни до доцна навечер, можеби го плаќате со пократок живот. Ново истражување покажува дека недоволниот сон е посилен показател за пократок животен век отколку исхраната и физичката активност, пишува „Саенс алерт“.
Иако и претходно било познато дека лошиот сон е поврзан со бројни здравствени проблеми, оваа студија открива дека спиењето има посилна врска со долговечноста од факторите кои традиционално се сметаат за клучни – како здрава исхрана и редовно вежбање.
Истражувачите од Универзитетот за здравство и наука во Орегон (OHSU) анализирале податоци од национални анкети во САД во периодот од 2019 до 2025 година. Тие ги споредиле податоците за животниот век со самооценети информации за должината на сонот, при што помалку од седум часа сон на ноќ биле сметани за недоволни.
Во анализата биле вклучени и други фактори што влијаат врз долговечноста, како физичката неактивност, образованието, вработеноста и социоекономскиот статус. И покрај тоа, врската меѓу недоволниот сон и пократкиот животен век останала силна, а посилен негативен ефект имало само пушењето.

„Не очекував недоволниот сон да биде толку силно поврзан со животниот век“, изјави физиологот за сон од OHSU, Ендру Мекхил.
„Секогаш сме знаеле дека сонот е важен, но ова истражување јасно покажува дека луѓето навистина треба да се стремат кон седум до девет часа сон секоја ноќ.“
Истражувачите нагласуваат дека станува збор за набљудувачка студија, што значи дека не може директно да се докаже дека помалку сон го скратува животот. Сепак, резултатите јасно укажуваат дека должината на сонот е силен показател за долгорочното здравје.
Квалитетниот сон е клучен за речиси сите функции на организмот – од работата на мозокот до имунолошкиот систем. Дури и една непроспиена ноќ може да има негативно влијание, а долгорочниот недостиг од сон се поврзува со дебелина, дијабетес и други хронични состојби, кои можат да го намалат животниот век.
„Интуитивно има смисла, но беше впечатливо да се види колку силно овој ефект се појавува во сите модели“, додава Мекхил.
„Добриот сон не само што ќе направи да се чувствувате подобро, туку и да живеете подолго.“

Добрата вест е што навиките за спиење, барем делумно, може да се променат. Намалување на користењето мобилен телефон пред спиење, избегнување таканаречено „doomscrolling“, како и релаксирачки активности како јога или таи-чи, можат да помогнат.
Американската академија за медицина на спиењето и Здружението за истражување на сонот препорачуваат минимум седум часа сон секоја ноќ, а некои истражувања сугерираат дека дел од недостатокот може да се надомести за време на викендите.
Студијата е објавена во научното списание „Слип адвансес“ (Sleep Advances).











